АктуелноОхрид

Спуштена завесата на 62-то „Охридско лето“

Југословенскиот народен театар од Белград, Србија вчеравечер на Античкиот театар со Чеховата „Вујко Вања“ ја спушти завесата на 62-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Изминатите четириесет фестивалски денови  во Охрид се празнуваше врвната уметност во областа на класичната музика и театарот.

-Уметноста,  естетското доживување на врвните концерти и театарски претстави на автентичните локалитети, Античкиот театар, црквата Св.Софија, предворјето на Св. Софија, Долни Сарај, кои ги понудивме на 62-то фестивалско издание се сведоштво дека силата на музиката и театарот го обединува светот, го променува и внесува убавина во него. Бевме пример како треба да се реализира врвна манифестација притоа почитувајќи ја традицијата и влогот на многу генерации пред нас, рече на свеченото затворање директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Таа изрази огромна почит и благодарност до сите заслужни за реализацијата на оваа најголема музичко-сценска манифестација во регионот, како што се Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски кој е  Покровител на манифестацијата, до Владата на Република Северна Македонија  и Министерството за култура, до Општина Охрид, како и до сите гости, посетители, уметници…

– Благодарност и до нашите спонзори, помагатели, пријатели, љубители на уметноста, поддржувачи на културните вредности … посебно до нашиот генерален спонзор, Македонски Телеком, како наш најголемиот партнер на патот кон успесите на Охридско лето. Амбасадите на Италија, Полска, Турција, Србија, Франција, Украина, Шпанија, Америка и Делагацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија со чија помош се реализираа дел од годинешниве концерти. Благодарност и до целиот тим на Охридско лето кој неуморно, професионално и посветено работеше во организацијата за  време на овие фестивалски вечери.И секако, неизмерна почит и благодарност за Ана Липша Тофовиќ што ни овозможи да ја славиме врвната уметност,  да ѝ се радуваме на убавината и да создаваме трајни вредности. Нејзиното име ќе го слават и бројни генерации после нас. Да ни е вечен фестивалот, уште многу успешни уметнички доживувања од оваа сцена, рече Поповиќ.

Бројната публика на Античкиот театар на четириесеттата и последна фестивалска вечер уживаше во врвната изведба на драмата „Вујко Вања“ на еден од најсуптилните писатели за театар, Антон Павлович Чехов и на големото режисерко име Егон Савин, преку која на сцена беше изнесена приказната за малите промашени луѓе кои чувствуваат празнина.

„Охридско лето“ по традиција беше затворено со богат огномет и со гаснење на фестивалскиот факел кој светеше изминатите фестивалски вечери.

 

 

НУ Охридско лето