АктуелноОхрид

Пецаков: Општина Охрид ќе мора да ги земе работите во свои раце како главен организатор на Охридски пливачки маратон

Охридски пливачки маратон ќе има и ќе го организира општина Охрид. Ова денеска го изјави градоначалникот Кирил Пецаков, по координативниот состанок.

-Ние како локална самоуправа ќе направиме се и можам да кажам дека 99% маратон ќе има, рече Пецаков и додаде дека веќе од синоќа почнати се да испраќаат покани кон пливачи.

Тој обелодени дека последните две години не е исплатен наградниот фонд кон пливачите.

Градоначалникот Пецаков посочи дека маратонот последните години се уништува и надоплна дека ќе мора општината посериозно да се позанимава со маратонот.

-Оваа година ќе направиме се што е во наша моќ да успееме да го организираме пливачкиот маратон, а од другата година и да ја преземеме организацијата, истакна Пецаков.

Градоначалникот рече дека веќе стапиле во контакт и со Агенцијата за млади и спорт, и дека го очекува на средба во општината директорот на Агенцијата, Наумче Мојсоски, за да разговараат на кој начин тие би можеле да се вклучат.

Додаде дека како градоначалник не може да разбере како се дозволува да останеме без маратон, а информацијата околу тоа поминува само со едно штуро соопштение од претседателот на државата, Стево Пендаровски, дека не се одржува поради блокирана сметка.

-Ова е состојба која што се провлекува долги години, што правеле досега. За да поканите едни пливачи, покани се испраќаат еден месец однапред за да го потврдат своето присуство, а сега се доведуваме во една временска крајност каде што не знам колку би добиле позитивни одговори. Како и да е од синоќа се испратени покани, од сабајлево почнуваме да добиваме одговори. Ќе потенцирам најбитно прашање е дали ќе има награден фонд, затоа што три години не му се исплатени наградите на оние што пливале, рече Пецаков.

Градоначалникот појасни дека тие веќе имаат разговори со некои спонзори и ќе успеат да обезбедат одреден награден фонд.

-Да видиме колку државата, односно Агенцијата за млади и спорт, со колку средства е подготвена да учествува со цел да направиме пристојна финансиска конструкција. Меѓутоа ќе повторам, без пливачи настан нема, и тоа е главната борба сега, за која што од легендите на маратонското пливање, поранешниот Томи Стефановски и сегашниот Евгениј Поп Ацев, ќе побараме да го заложат својот личен интегритет и авторитет и да ги поканат пливачите, се со цел овој маратон да се одржи, истакна градоначалникот и најави дека веќе од септември или октомври маратонот ќе има сосема поинаква приказна.

-Очигледно општина Охрид ќе мора да ги земе работите во свои раце како главен организатор на настанот, затоа што досега бил под капата на претседателот, ние сепак пак ќе го поканиме да биде покровител и наредната година, и државните институци, затоа што сепак ова е настан од државен калибар и интерес. Меѓутоа главната организација ќе гледаме да ја преземе општина Охрид заедно со охридските пливачки клубови, нагласи Пецаков.

фото: Архива