вторник, ноември 12, 2024
Охрид

Изложба на слики од Мајкл Клос во Библиотеката

Денес , во 12 часот во  „Прличевата одаја“ на НУ Библиотека „Григор Прличев“ ќе биде отворена самостојната изложба на канадскиот уметник со македонски корени Мајкл Клос под наслов: „Сликарството на патот на хуманоста“.

Клос е роден во Торонто. Дипломирал на Ontario College of Art една од најстарите институции за сликарство во Канада, Ryerson Polytechnick Institute , University of Guelph.  Досега има реализирано околу 130 самостојни изложби во многу интернационални и национални галерии низ светот.  Доволно е да се издвојат само изложбите во некои земји: Романија, Соломонските острови , Виетнам, Словенија, Хрватска, Турција, Египет, Франција, Германија, Русија, Казахстан. Голем дел од изложбите  се дел од проектот “Сликарството на патот на хуманоста” кој  Мајкл континуирано го реализира со неговата сопруга Менка, историчар на уметност и кустос.

Над 40 години Клос претежно во Канада работи на филм, ТВ и во театар како  сценограф и уметнички директор, а понекогаш и како актер.

На македонската турнеја ова лето Клос своите уметнички дела  ги претстави во Свети Николе,  а по  Охрид  ќе има изложба и во Куманово.

Изложбата  се очекува да ја отвори и за творештвото на Клос да говори познатиот охридски уметник и филмски критичар Ѓоко Симјаноски.

Публиката десеттина платна на канадскиот уметник Клос изложени во Библиотеката ќе може да ги види и во четврток и петок во терминот од 9 до 15 часот.

 

 

НУ Библиотека