Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, упати честитка до охриѓани и останатите граѓани на Република Македонија по повод 2 Август – Илинден.
– Нека ни е честит најголемиот македонски двоен празник. Двата Илиндена, 1903 и 1944, ја симболизираат нашата борба за сопствена држава, благодарение на што денес живееме во самостојна, демократска и независна Република Македонија.
И денес гордо одиме по патот зацртан со Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ негувајќи ги идеалите за слободна, демократска и независна Република Македонија.
Борбата на еден народ не престанува со еден историски чин. Тоа е процес, тоа е континуитет, тоа е чувство што треба да го има секој од нас. Илинден е ден кога славиме и се потсетуваме на голем број револуционери и борци за независна Македонија, кои со својата крв ги испишаа најславните страници од историјата на македонскиот народ. Празнувајќи го овој датум, да им се заблагодариме и да им оддадеме почит на сите знајни и незнајни херои од нашата историја, зошто врз темелите што тие ги поставија опстојува Република Македонија.
Нивниот пример е обврска за секоја идна генерација безусловно да ја води својата борба, борба за напредна, поуспешна и просперитетна Македонија – се вели во честитката на градоначалникот Пецаков по повод националниот празник Илинден.