АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Вечерва концерт на пијано дуото Каровски-Дучева

Музичката програма на 62-то издание на фестивалот „Охридско лето “продолжува вечерва со концерт на пијано-дуото Кристијан Каровски и Мими Дучева.

Двајцата македонски уметници ќе музицираат за фестивалската публика во катедралната црква „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин, од 21 часот.

Кристијан Каровски е роден во Скопје во семејство на музичари-пијанисти. Уште од најмала возраст доаѓа до израз неговиот голем и невообичаен талент за музика. Музичкото образование го започнува во класата на проф. Људмила Романова, а го заокружува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф.Борис Романов, каде дипломира и магистрира со највисоки оценки и почест „Cum laude”. Неговата концертна дејност започнува на деветгодишна возраст со изведба на сериозни дела од литературата за пијано. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Каровски е вонреден професор на катедрата по пијано на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.

Пијанистката Мими Дучева е родена во Гевгелија во 2000 година. Природниот развој на музичките настани низ годините, ја доведува Мими Дучева до започнување на соработка со проф.Кристијан Каровски, една година пред запишување во средно музичко училиште. Веднаш започнува да настапува како дел од концертите на неговата класа и посветено соработуваат изведувајќи камерна музика за четирирачно и осумрачно пијано.  На осумнаесет години го одржува првиот концерт по што музичкото образование го продолжува на ФМУ – Скопје во класата на вон. проф. Кристијан Каровски. Инспирирани од минатото камерно музицирање, Мими Дучева и нејзиниот ментор Кристијан Каровски започнуваат со заедничко свирење на композиции за четирирачно пијано. Првиот заеднички настап е на Фестивалот „ДАМ“ во Приштина, Р.Косово, а оваа 2022 година следат уште неколку заеднички настапи.

Во моментот Мими Дучева студира на Факултетот за музичка уметност во Скопје и работи како педагог по пијано во приватното музичко училиште  „Пијанофорте“.

 

НУ Охридско лето