АктуелноОхрид

(ФОТО) Попоска Карче: Треба да даваме, да создаваме и да оставиме по некој траг кој што ќе докаже дека сме постоеле

Самостојната изложба на слики под наслов „Сликам со тебе приказна од душата“ од д-р Наташа Попоска Карче во рамки на програмата на „Охридско лето“, претставува компилација од дела што одликуваат четири базични емоции и тоа среќа, љубов, тага и радост преточени во боја.
Со голема љубов, Попоска Карче зборува за своите слики изработени во техника масло на платно, на кои најзастапени се пејсажите.

-Овие неколку години што поминаа ме потсетија дека живото е кревок и дека се може да исчезне за миг. создавајќи сватот дека да се надмине човечкото во себе е многу потешко отколку да се надминува човечкото во светот и времето во кое што живееме. и не треба само да небљудуваме туку треба и да дејствуваме. Треба да даваме, да создаваме и да оставиме по некој траг кој што ќе докаже дека сме постоеле тука, овде на земјава, дека сме чекореле сите заедно. Јас го сликам тоа што го чувствувам . Уметноста може да ни го открие светот на возвишените чувства, мисли и страсти. Да можев да и завртам грб на секоја мисла која демне и чека да ја обојам, тогаш не би настанале овие дела. Секое од нив носи своја микро приказна од морето на животот и остава свој печат во вечноста, вели Попоска Карче.

Попоска Карче истакна дека денешната изложба ја посветува на големиот човек и пред се уметник покојниот д-р Дрган Спасески Охридски. Како што кажа Попоска Карче тој бил нејзин ментор кој со своите визии и креации и својата духовност многу пати го допре и овој град, но и фестивалот Охридско лето.

За делата на Попоска Карче зборуваа д-р Иван Заров, византолог и историчар на Уметност и Љупчо Жупан галерист.

– Попоска Карче се претставува со целосно нов опус на слики во масло и акрил, кој го отсликуваат нејзиниот естестки светогед. Доминираат нејзините суптилни и нежни пејсажи, имигинирани и реални кои прикажуваат визури и композиции од Охрид, но и композиции кои во потрагата по трансцендентото го потенцираат нејзиниот фантастичен имагинариум исполнет со визуелни асоцијации и суптилни метафори, истакна проф. д-р Иван К.Заров.

– Стилот на сликање на Наташа го следам уште од почетокот и признавам дека има еден голем напредок и развој, но има и голем потенцијал па нејзините слики се се подобри и подобри. Најважно е што во уметноста се вложува максомално професионално и сите мотиви ги работи со чувства, истакна Љупчо Жупан.

Инаку ова е четврта самостојна изложба на Попоска Карче. Нејзината прва изложба насловена како „Четири годишни времиња“ се случува во 2016 година, а само три години подоцна во 2019-та забележува свој настап на престижната манифестација „Охридско лето“ со изложбата „Бранови и мисли“.

Д-р Наташа Попоска – Карче е родена во 1972 година во Охрид. По професија стоматолог, со сликање започнува активно да се занимава во 2013 година.

извор: Охрид 1
фото: Охрид 1