среда, ноември 20, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Денес се празнуваат Светите маченици Козма и Дамјан

Лекари, бесребреници и чудотворци. Овие двајца светители беа родени браќа, родум од Рим, уште како деца крстени и воспитани во христијански дух. Имаа голема благодат од Бога да ги лечат луѓето и животните од секоја болест и мака, и тоа со едноставно полагање на рацете врз нив. За својот труд не бараа никаква награда, од болниот бараа единствено да поверува во Господ Исус Христос. Наследија голем имот, но го раздадоа милостиво на бедните и неволните. Во тоа време во Рим царуваше царот Карин. Пред него гонителите на христијанството ги доведоа овие свети браќа оковани во синџири. По долго испрашување царот им нареди да се одречат од Христа, а да им принесат жртви на идолите. Но, Козма и Дамјан не само што не го послушаа царот туку уште и му посоветуваа и самиот да отстапи од мртвите идоли и да Го признае единствениот вистински Бог. „Нашиот Бог не е создаден, туку е Создател на сè, а вашите богови се човечки измислици и дела од рацете на уметниците. И да ги немаше уметниците да ви ги направат тие богови, вие не би имале пред што да се поклонувате.“ После чудото извршено над самиот цар – бидејќи чудесно го исцелија од една тешка мака – царот и самиот ја изјави својата вера во Христа и ги пушти браќата во мир. А тие продолжија да Го слават Господа и да исцелуваат болни, а и самите беа од народот прославувани на сите страни. Им позавиде на славата еден лекар, којшто некогаш им беше учител и под изговор заедно да појдат да берат лековити билки ги однесе в планина, па ги уби со камења. Чесно пострадаа за верата Христова во 284 година. Нивниот спомен остана траен во Црквата на земјата, а душите им се преселија во Царството Божјо, за да живеат вечно во слава и радост.

 

денови.мк