петок, ноември 15, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Изложба „ Муренките црници во изумирање во Радожда“ на Славко Упевче

Секој град има свое обележје. Охрид го красат и историски и природни обележја, и затоа е прва класа место за живеење. Ho, за да остане во сеќавањето на поколенијата, на посетителите, мора да се сочувува и да се внимава на него. Денеска многу вредности се запоставуваат, ги снемува. Се мисли само на што побрзо богатење уништувајќи ја својата историја и природата со која градот се гордеел и опстојувал.
Благодарејќи на уметниците од минатото ние знаеме за обичаите, како ce живеело, каде се живеело, kako празнувало и слично. Уметниците низ вековите со голема трпеливост, секој со својата умешност, ни оставиле и ни оставаат дела од времето нивно за идните поколенија.
Охрид има среќа што вo пазувите однегувал два современи ликовни творци. Едниот ја прикажувал убавината на охридската светлина, на флората, особено онаа невидливата на подводниот свет, тоа e Вангел Наумовски. Вториот, почитуваниот колега Славко Упевче, на чијашто изложба присуствуваме вечерва, е хроничар на овој град и на охридското крајбрежје, сочувувајќи го во своите дела, видливото кое, за жал, полека го снемува. Тој остави и ќе остава низа дела во кои е овековечена архитектурата на Охрид, занаетите, чаршијата, градот со сите свои обележја. Како да му останал завет од славниот охриѓанец Прличев кој вели: „Неработенето је мајка на сфите таксирати.“ Ова станало максима на творечкиот пат на Упевче, кој неуморно работи на зачувувањето на минатото.
Последнава изложба тематски е посветена на Муренките црници во изумирање во Радожда. Да не заборавиме дека токму во Радожда сè уште има остатоци од Виа Игнатија. Можеби по тој пат се пренесувала и црницата, бидејќи била храна на римските легионари. Муренка, црница, дудинка, дуд, карадуд, мурва, мора – низа називи низ Медитеранот за едно дрво. На прашањето дали Македонија е медитеранска земја, Предраг Матвеевиќ во својот Медитерански бревијар вели – се разбира, Охрид е македонскиот Медитеран. Ова дрво кое до скорото минато беше многу ценето, како поради хранливоста, лековитоста, постојаноста, како дрво-хранител на свилената буба, како дрво обојувач или облагородувач на ракијата, полека го снемува и се заборава.
-Во Охрид, кога ќе се каже да се најдеме под муринката, се знае дека тоа е култното место во близина на езерото со широка ладовина под која се собираа еснафите. Кој знае какви сè муабети се залепени на кората на таа муренка.
Славчо ме поттикна да истражувам за муренката и овие мои забелешки за црницата – ги одгуглав. Открив дека тоа дрво не можат да го нападнат никакви инсекти и паразити. Има своја самозаштита. Значи може да настрада само од невниманието на човекот. Изненаден бев што сè сум заборавил за дудинката со која сум растел во мојот двор во Маџир-маало во Скопје. Секој ден сум се засладувал со плодовите од нашиот карадуд. Кој знае. можеби уште делуваат нејзините плодови, истакна на синоќешното отворање на изложбата, академик Газанфер Бајрам