АктуелноОхрид

Популацијата на охридската пастрмка изминативе 30 години намалена за 20 пати

Во изминатите 30 години популацијата на охридската пастрмка е намалена за 20 пати, според мониторингот на Хидробиолошкиот институт во Охрид, тренд кој е поврзан со прекумерен риболов и загадување на водите на Охридското Езеро, објави slobodnaevropa.mk.

Криволовството и несоодветната контрола претставуваат опасност, но научни истражувања истовремено покажуваат дека овој ендемски вид (Salmo Letnica) е загрозен и од загадувањето на водите на Охридското Езеро .

Никола Паскали секојдневно нурка во Охридското Езеро. Тој вели дека во водата често забележува мрежи и друг риболовен алат, а се помалку риба поради прекумерниот лов.

„Охридска пастрмка има во рестораните во Охрид, може да се нарача и во скопските и во рестораните низ цела Македонија за преку 2.000 денари килограм. Инаку, ние охриѓаните овде јадеме плашици и грунци и сме среќни со тоа. Пастрмка јадеме три пати годишно, а се случува да сакаме да купиме, а да нема, поради лошото управување со целиот овој резерват“, вели Паскали.

Популацијата на охридската пастрмка континуирано се намалува од почетокот на 90-те години на минатиот век, според мониторингот на Хидробиолошкиот институт во Охрид.

Податоците добиени во периодот од септември до ноември 2021 година покажуваат „отсуство на повозрасни единки“ во ловините кои биле направени за научни потреби, што според институцијата, „јасно укажува на прелов“ на оваа риба.

Официјалните известувања од Албанија за риболовот во Охридското Езеро покажале дека на албанската страна од 2012 година наваму се ловат од 55 до 70 тони пастрмка годишно, додека на македонска страна во истиот период изнесувала помалку од еден тон. Во ваква ситуација анализите на Хидробиолшкиот институт покажуваат „несвојствена доминација на белвицата во однос на пастрмката.“

Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk.