На денот кога го славиме споменот на нашиот славен патрон и небесен застапник, Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец, ја имаме радоста и честа да ве поканиме на слава во неговиот свет манастир во Рајчица:
– понеделник, 5 мај 2025 –
❈ Во 18:00 часот ќе се отслужи празнична Вечерна богослужба, на која молитвено ќе претстои Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј.
– вторник, 6 мај 2023 –
❈ Во 07:30 часот ‒ празнична Утрена богослужба. (На шестата песна од канонот – пречек на Старецот владиката г. Партениј)
❈ Божествената Архиерејска Литургија ќе започне во 08:45 часот и со неа ќе чиноначалствува Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, заедно со свештенослужителите од нашата света Обител.
Благослов да присуствуваат имаат сите кои сакаат заедно со нашето братство и сестринство да му оддадат чест и да упатат молитви кон светиот великомаченик Георгиј Победоносец.
Воедно, Ве известуваме дека на 7 мај (среда) во храмот на Светиот Великомаченик Георгиј во Струга, со почеток во 16 часот, ќе биде отслужена празнична вечерна богослужба, на којасе очекува да претстои Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан. По завршувањето на Вечерната и на ктоторската панихида следи свечената Еордија (литија) со чесните мошти на Великомаченикот и на неговата чудотворна икона. Чесните мошти ќе бидат изложени во храмот за поклонение пред да заопочне Вечерната богослужба, сѐ до започнувањето на Еордијата. Оваа година, на литијата ќе биде изнесена и чесната икона на Мајката Божја „Гликофилуса“ (Слаткољубива или Умиление).
Ве покануваме да бидете гости на нашата манастирска слава, како и да земете учество во древната струшка литија, која пред повеќе од една деценија беше обновена и збогатена со присуството на чесните мошти на Свети Георгиј од манастирот во Рајчица. Дојдете, почувствувајте ја радоста и благодатта на овие торжествени настани и примете го благословот на славниот Победоносец.
Со благослов на Епископот Антаниски г. Партенијигумен на Свештената Бигорска Обител