Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на РС Македонија, д-р Љупчо Јаневски заедно со претставници на институцијата е во еднодневна посета на интернационалниот туристички саем во Приштина, Косово. “Kosovo International Tourism Fair”- (KITF) се организира за прв пат и има за цел да ги поврзе регионалните туристички работници и бизнис секторот. Саемот е во организација на туристичката асоцијација “Унија за Туризам на Косово” со која Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот има воспоставено соработка за размена на заеднички искуства кои се од интерес за развој на туризмот.
Приштина на 4ти и 5ти мај е домаќин кој два дена ги посветува на туризмот, каде регионалните земји ги презентираат своите туристички потенцијали и можности за туристичка размена и инвестиции во овој сектор. Се отвораат нови можности за зголемување на бројот на туристи, креирање мрежа на бизнис контакти и предиспозиции за зголемување на економската соработка на регионот.
Директорот на АППТ, д-р Љупчо Јаневски и претседателот на Унијата за Туризам на Косово, г-дин Баки Хоти, денес потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете земји, во насока за развој и промоција на туризмот преку заеднички активности и туристички понуди.
“Целта на овој Меморандум е зголемување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, со цел заеднички развој на туристичкиот сектор и нови инвестиции во туризмот. Двете страни се согласни за координација и соработка на меѓусебните активности поврзани со промоција и поттикнување на туристичките групи да ги посетат двете земји, со цел зголемување на туризмот. Тоа што е особено важно за развој на регионот е соработка и имплементирање на заеднички проекти, со што дестинациите ќе стане поконкурентни на пазарот и нивната видливост на туристичката мапа ќе се зголеми со атрактивни понуди– изјави директорот на АППТ, д-р Љупчо Јаневски.