АктуелноОхрид

Намалете ја брзината на патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан, се крпат ударни дупки

На патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан, на делницата од бензинска пумпа Камара – м.в. Мали Влај, на учесниците во сообраќајот им се препорачува намалување на брзината на движење до 40км/ч. поради изведување на градежни работи на пат (крпење на ударни дупки), информираат од АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица се уште е затворен за сообраќај за сите видови на возила. Од охридска страна, сообраќајот се одвива до месноста Корита.