АктуелноОхрид

Вербални закани кон Охридски обвинител, тој вели: Истите се во целост вистинити (не се сечени, лепени и монтирани)

Ви благодарам на сите кои во тек на денешниот ден ме контактиравте и при тоа ми испративте линк до објава на YouTube во која се слуша вербален напад кон обвинител, пишува во објава на Фајсбук обвинителот Војо Димоски.

Во продолжение ја пренесуваме објавата на обвинителот во целост:

Заради економија на времето (моето време, во Недела и при крај на Велигденскиот пост) користам прилика и место за во еден наврат да појаснам неколку поенти:
1. Не знам ниту како настанале, ниту кој ги објавил снимките.
2. Истите се во целост вистинити (не се сечени, лепени и монтирани). 😀
3. Содржината можеби за некои од вас е страшна, но за мене кој една декада е малку поинаков од вообичаениот калап во занаетот, не се ништо ново. Со други зборови ми упатувале и пострашни закани. Се колнам дека ниедна закана не вродила со плод во смисол дека имала за резултат да постапам во предметите поинаку освен според совеста и законот.
4. Со оглед дека мојот ФБ профил, кој во овие околности е моја слободна територија, неспорно, уредно се следи, овде ги повикувам надлежните да го откријат изворот на наведените снимки.
5. После неуспешниот обид да ме компромитираат со видео снимки објавени пред неколку месеци имам полно право да заклучам дека станува збор за организирана хајка раководена од ист центар во двата наврати. Како и да е се им е џабе. Искрено верувам дека нема напредок на државата без луѓе со чесна намера и интегритет! Тие поинаквите, тврдам дека се причина за егзодусот на највредното во Македонија – нашите најумни млади глави! Мораме да ги победиме медиокритетите! Враќање назад нема! Иднината на нашите деца обврзува!
Слобода или смрт!
Бог помеѓу нас!
п.с. Се извинувам на новинарите кои работејќи си ја работата ме контактираа во тек на денешниот ден. Ветувам дека за сите ќе најдам време во периодот што претстои.