АктуелноОхрид

Промоција на монографијата „Веслачки клуб Црн Дрим Струга“

Синоќа (08.04.2022) во преполниот амфитеатар на ПСУ “Јахја Кемал“ – Струга, се одржа промоцијата на монографијата „Веслачки клуб Црн Дрим Струга“ од Коста Хиохи, во издание на Издавачкиот центар Алдебаран.

Се работи за исклучително издание, кое излегува по повод 90-годишнината од постоењето на клубот и на веслањето во Македонија, но која  не само што е хронопис на клупската историја на веслачкиот клуб Црн Дрим од Струга, туку и ги дава сите значајни моменти од развојот на веслачкиот спорт во Македонија, започнувајќи од самите почетоци па досега. Монографијата содржи детален преглед на сите генерации веслачи го ги одбележале деветте децении од постоењето на клубот. Ова е вредно монографско дело значајно за спортската историја на еден од најдолговечките спортски клубови во Македонија, но истовремено и хроника на Струга, на спортското живеење, на несекојдневната страст и љубов кон веслањето на генерациите веслачи, раскажани низ еден анегдотски пристап на самите нив од различни генерации, на сите прилики и неприлики, на сите подеми и падови на клубот. Овие сведоштва за многу различни драматични моменти, од такви кога клубот бил спасуван од исчезнување за време на војната, до бројни случки кои со обилуваат со хумор, се вткаени во оваа необична и возбудлива книга. Од друга страна, монографијата ги содржи сите нужни податоци поврзани со клубот и веслањето, низ еден енкциклопедиски пристап систематизирани и прикажани на начин што ќе придонесат со нив да биде запознаена и пошироката публика. Монографијата содржи и преку 300 фотографии кои и визуелно ја раскажуваат 90-годишната историја на клубот, што дополително ја прават исклучително вреден документ за македонскиот спорт, но и историја и култура, воопшто.

На настанот свое обраќање имаа: д-р Здравко Голабоски (претседател ва веслачката федерација на Македонија), Викторија Постолоска (поранешен активен член на веслачкиот клуб и репрезентативка на Македонија), Никола Кукунеш (уредник на монографијата), Мите Стефоски и авторот на монографијата Коста Хиохи.

Претседателот на веслачката федерација, г-н Голабоски изрази длабока благодарност за трудот со кој остануваат запишани достигнувањата на клубот, како и можноста за негова афирмација во иднина. „За да се случи оваа монографија, покрај Коста, заслуга имаат сите поранешни и сегашни веслачи, тренери и спортски работници. Сите тие, на свој начин, дале придонес за струшкиот спорт“, додаде Голабоски во крајот на своето обраќање.

Викторија Постолоска меѓу другото подвлече: „Мојот професор, со оваа монографија го преточи во зборови суштествувањето на веслачот со чамецот и водата, и продре длабоко до срцевината на еден клуб, кој од секогаш бил жариште на прекрасни луѓе“.

Уредникот на монографијата, Никола Кукунеш, во своето излагање посочи на тоа дека, споменот е основа за развивање на чувство на припадност. Меѓу другото кажа:   „Велат дека човек живее сѐ додека живее сеќавањето за него. Тоа значи дека Коста, со пишувањето и на оваа монографија, ја постигнал целта – да го продолжи паметењето и да го зачува споменот за мноштво личности преку кои се отсликувал напредокот, вредностите и културата на живеење, во временска рамка од речиси еден век и на тој начин да прераскаже сведоштва кои уште долго ќе патуваат низ времето“.

Мите Стефоски даде широк осврт врз самиот процес на создавањето на една ваква монографија, која опфаќа толкав голем период, што претставува подвиг и предизвик кој не е лесно да се оствари, имајќи ги предвид проблемите со пронаоѓање на севкупната архивска граѓа, често од личните архиви на самите веслачи, нејзината обработка и вклопување во едно вакво монографско дело. Исто така, додаде дека монографијата ги надминува рамките на раскажување само за веслачкиот клуб, т.е. како текст може да биде интересен и за поширока читателска публика.

Авторот на монографијата, Коста Хиохи, зборуваше за веслањето преку неговото животно искуство и за тоа како ги слушнал и запишал првите информации за почетоците на веслањето во Струга. Покрај благодарноста до сите кои несебичо го помогнаа процесот на собирање информации, изрази надеж дека клубот ќе продолжи и во иднина да бележи успеси.

ИЦ Алдебаран Струга