АктуелноОхрид

Бакраческа: Власта има потреба од мнозинство во Комисијата за избори и именувања за да постават партиски кадри во Уставен суд, затоа го разрешуваат колегата Зендели

Очигледно е дека им е потребно мнозинство во Комисијата за прашања на изборите и именувањата што ќе ги поддржува нивните штетни политички одлуки и заради тоа инсистираат на разрешување на колегата Фадил Зендели, вели пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Грација Бакраческа на денешната собраниска седница.

Таа додаде дека, ова што го прават е преседан, а преседаните кои што се зачестени, започнаа уште на конститутивната седница на почетокот со работа на македонското Собрание.

„Вистинската цел не е разрешување на колегата, туку именување на партиски кадри во Уставниот суд. Поднесовме 400 амандмани, кои ги нема. Зошто ги нема и каде се, вие си знаете. Во тие амандмани се нашите предлози кои мора да се разгледуваат, но денес тоа не е случај. Додека вака се однесувате, опозицијата ќе биде гласна затоа што сме одговорни пред граѓаните. Од нас се очекува да се бориме за нив, а не три дена да дискутираме за точка која не смее да биде ставена на дневен ред затоа што не се разгледувала на матичната комисија“, истакна Бакраческа.

Таа додаде дека ова го потврди и самиот собраниски спикер, Талат Џафери, кој минатито месец, одговарајќи на новинарско прашање за можно разрешување од комисијата на пратеникот Фадил Зендели, истакнал дека такво сценарио не е можно, затоа што тој не би можел да се потпише на решение на седница со точка на дневен ред, која не поминала во соодветната комисија.

„Ова го потврди и самиот претседател на собранието, господинот Талат Џафери на 17. 02. 2022 година, кога на новинарско прашање, „Дали имате намера, условно, насила да го разрежувате Фадил од член на комисијата“, одговори цитирам „Такво сценарио нема. Како ќе потпишам решение на седница со точка на дневен ред која што не е извор од соодветна комисија“,“ посочи Бакраческа.

Еве денес почитувани, порача таа, токму тоа сценарио се случува од страна на оној кој е должен да ја чува процедурата.