понеделник, ноември 25, 2024
АктуелноОхрид

(ФОТО) Одбележана годишнината од смртта на гемиџијата Марко Бошњаков

Делегација на Општина Охрид составена од советниците од Советот на Општина Охрид, делегации на Подрачната единица на историскиот архив како и од политичкиот и јавниот живот во Охрид, денес пред спомен плочата на Марко Бошњаков во непосредна близина на неговата родна куќа во старото градско јадро, положија цвеќе.
Марко Бошњаков е роден во Охрид во 1874-та година. Основното образование го стекнал во родниот град, а како средношколец учел во Солунската Гимназија. Бил сведок на создавањето на Македонскиот револуционерен комитет во Солун со што, всушност се означи почетокот на македонската револуционерна борба во 1893 година. Се вклучил во движењето на Гемиџиите (Солунските атентатори) издавајќи им ја и својата бакалница во Солун.

Измачуван и тешко заболен од затворските тортури, умира од маларична треска во затворот Музрул во Африка на 27-ми февруари 1908 година, само неколку месеци пред да се прогласи амнестијата од страна на Младотурците.

Пред смртта Бошњaков на своите другари Павел Шатев и Ѓорѓи Богданов им оставил аманет „Ако телото се тркала, не дозволувајте истото да се случи и со главата“. Единствените преживеани гемиџии, Шатев и Богданов го исполниле аманетот на Бошњаков, му ја отсекле главата и ја донеле во неговиот роден град.