АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Одбележан 2 февруари – Светскиот ден на водните живеалишта

Здружението за екологија и туризам „ЕКОТУРИЗАМ 2016“ Охрид како организатор и Општина Дебрца како домаќин, заедно со Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Охрид и Хидробиолошкиот Институт од Охрид го одбележаа настанот „КОН ПОДОБРО УПРАВУВАЊЕ СО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО, СТУДЕНЧИШКО БЛАТО И БЕЛЧИШКО БЛАТО“. Оваа година прославата е на регионално ниво и настанот е регистриран во светската мапа на одбележувања на Рамсарската Конвенција.

Со поздравни говори се обратија Христина Оџаклиеска, Заменик министер за животна средина,  Кирил Пецаков и Зоран Ногачески, градоначалник на општина Охрид и Општина Дебрца.

За  слатководните живеалишта, нивно значење, закани и мерки за заштита, осврт даде Д-р Орхидеја Тасевска, научен советник и директор на ЈНУ Хидробиолошки Институт, Охрид.

Во агендата за овој еколошки важен датум беа презентирани студиите за ревалоризација на Охридско Езеро и валоризација на Студенчишко и нацрт-верзијата за Белчишко Блато, за кои е во тек процедурата за прогласување за заштитени подрачја на овие важни екосистеми. Студијата за Белчишко Блато беше презентирана од Ѓоко Зороски, координатор за проектот , Хавза Реџеп Каќел, раководител на Одделение за заштита на животна средина, Даниел Богнер и Менка Спировски, консултанти за Студенчишко Блато и Охридско Езеро.

На настанот беше  промовиран едукативно-документарниот филм „Белчишко Блато – синиот бисер од Дебрца“, кој го изработи „ЕКОТУРИЗАМ 2016“ Охрид.

Исто така беа презентирани традиционални специјалитети од општина Дебрца и слатки со симболи од најважните претставници од флората и фауната.

Настанот се одржа во просториите на идниот музеј на Белчишко Блато, Општина Дебрца, с. Белчишта и преку Zoom платформата.