АктуелноОхрид

Специјализираната болница за кардиологија Охрид, демантира дека од почетокот на наредната недела ќе отвори оддел за лекување на Ковид пациенти

Охридска Кардиологија ги демантира информациите лиферувани преку една новинска агенција, каде беа пренесени изјави од раководно лице на друга медицинска установа, а во кои изјави се тврди дека „Кардиолошки завод“ од понеделник ќе стане Ковид центар. Демантот го пренесуваме во целост:

Специјализираната болница за кардиологија Охрид, ги демантира вестите објавени во некои Охридски медиуми дека од почетокот на наредната недела ќе отвори оддел за лекување на Ковид пациенти.
Ја информираме јавноста дека за цело време на траење на пандемијата кај нас се лекуваат Акутни кардиолошки состојби и кај пациенти кои во исто време имаа и присутна Ковид зараза.Со навремена реорганизација на просторот и кадарот, создадовме услови овие пациенти да не го загрозуваат здравјето на останатите кардиолошки болни. Последниве недели, работиме со значително зголемен обем како резултат на тоа што за извесен период Катетеризационата лабораторија не беше во функција поради дефект на Ангиографот. Овој проблем сега е надминат, но резултираше со одлагање на извесен број интервенции кои сега забрзано се реализираат. Потсетуваме дека сме Регионален центар за Кардиологија за целиот југозападен регион со Катетеризациона лабораторија која во текот на 24 часа секој ден во неделата решава животозагрозувачки состојби од областа на кардиологијата и тоа за пациентите од Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Ресен, Битола, Прилеп и др.

Пред една година во текот на повеќе месеци дел од болницата беше пренаменет и работеше како Ковид центар при што кај нас беа лекувани најкомплексните пациенти од регионот и тоа со исклучителен успех, благодарејќи на пожртвуваноста на сите вработени.

Цениме дека во услови кога капацитетите на Општа болница Охрид (за кои минатата година пред отварањето на модуларната болница имаше официјален податок дека изнесуваат околу 90 легла), во моментот се далеку од исполнети со околу 40 хоспитализирани, неодговорно е да се компромитира работата на нашата болница со отварање на Ковид оддел. Со оглед на високата контагиозност на Омикрон сојот, неодговорно е исто така да се прави дисперзија на хоспитализираните во повеќе болници и да се зголемува ризикот од ширење на болеста меѓу хоспитализираните пациенти и персоналот.

Остануваме во служба на нашите пациенти со кардиоваскуларни заболувања, спремни да укажеме брза, навремена и квалитетна здравствена грижа.