Утрово во Инфективното одделение во Охрид, едно лице најнапред вербално, а потоа и физички нападнало докторка. Инцидентот, за среќа, го спречиле некои присутни членови на семејството на пациентот, па лекарката била навремено оттргната од рацете на лутиот пациент.
Според доктор Балевски, ова не е ни прв ни последен пат здравствените работници во Охрид, а и во другите градови од внатрешноста, да преживуваат тешки напади кои најнапред почнуваат како вербални, а потоа прераснуваат и во физички.
-Ова е срамота. Нема што не се изнагледавме во пандемијата. Во амбулантата дневно има и по 60 прегледи со само две лекарки и денеска една од нив пациент што не сакал да чека во ред, ја фатил за врат да ја дави. Пријавивме во полиција, лекарката е добра. Станува збор за искусна докторка на 62 години. Срамота е што ги напаѓаат лекарите, изјави доктор Балевски за Слободен печат.