АктуелноОхрид

ЛЕВИЦА Охрид бара ревизија на работењето на сите градоначалници во Охрид – Криминалот мора да се обелодени со име и презиме

Виолета Аврамоска е советник во општина Охрид од партијата Левица. Та во два статуси изминатите денови, објаснува што се случува во Општина Охрид.

„Стоп за распродажба на државното земјиште по 1 евро за квадрат“

-Како советник на Левица во Советот на општина Охрид имам обврска да ја информирам јавноста за работата на Советот. Токму поради тоа сакам да ве информирам за работата на седницата на Комисијата за урбанизам и Комисијата за финансии и буџет, чиј член сум и јас.

Помеѓу другите точки на дневен ред беше доставен предлог за продажба на државно земјиште кај Мауцкер по 1 евро за квадрат, како и продажба на два објекти од комплексот кај касарната, исто така по цена од 1 евро , односно 70 денари по квадрат.

Сакам да ве известам дека овој предлог не беше усвоен од страна и на двете комисии.

Како единствен советник во Советот на општина Охрид кој припаѓа на работничката класа и на категорија граѓани кои живеат на маргините , самохрани родители, дадов предлог овие објекти во касарната да се искористат за социјални проекти, бидејќи од продажбата за 70 денари по метар квадратен , општината нема да има никаков бенефит.

За воља на вистината, денес бев известена од страна на Претседателот на Советот на општина Охрид дека спорната точка ќе биде повлечена од дневен ред на 6- та Седница на Советот на општина Охрид, закажана за во среда.

Исто така, бев известена дека машината за корнење и пресадување на дрвја веќе е обезбедена и по Нова година ќе може да се изврши пресадување на здравите дрвја од Булевар Македонски просветители.

Инаку пресадувањето на дрвјата со машина за пресадување беше предлог на ЛКТ на Левица Охрид , со цел да се спасат здравите дрвја, кој беше прифатен од Градоначалникот, Секретарот на Општина Охрид и Претседателот на Советот на општина Охрид.

„Реакција во врска со пресот на градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков и секретарот на Општина Охрид Александар Китески“

-Како советник на Левица во Советот на општина Охрид се согласувам со транспарентното известување од страна на градоначалникот на охридската јавност во врска со долговите во кои претходната локална власт ја остави општината, но не слушнав ништо во врска со она што сите ние како охриѓани, сакавме да го слушнеме: Дали ќе има одговорност за сите оние кои работеле незаконски?

ЛЕВИЦА Охрид бара кривична одговорност од сите директори на ЈП кои со своето незаконско работење ги оштетиле јавните претпријатија и од претседателите и членовите на Управните одбори, бидејќи управните одбори не се само декор во ЈП.
Бараме одговорност и кривични пријави и за директорите на ОУ ,, Христо Узунов ” , ОУ ,, Григор Прличев ” и ОУ ,, Климент Охридски” .

ЛЕВИЦА Охрид бара кривични пријави и одговорност за поранешниот градоначалник и неговите соработници кои се инволвирани во ваквото незаконско работење и криминал со што Општина Охрид е оставена во долгови од 22 милиони евра.

ЛЕВИЦА Охрид бара ревизија на работењето на сите градоначалници во Охрид од осамостојувањето до денес.
Криминалот мора да се обелодени со име и презиме.

Одговорност мора да има. Не смееме повеќе да дозволиме постојано да се амнестирате од одговорноста едни со други, како што до сега беше пракса во Охрид.

Општината со децении тоне во долгови, но ниту еден директор на ЈП и ниту еден градоначалник до сега не одговарал кривично поради тоа.

Секако цената за нивното незаконско работење ја плаќаат работниците и граѓаните на Охрид. Ваквата пракса мора да престане. Охриѓани заслужуваат чесни луѓе на власт.