недела, ноември 24, 2024
АктуелноИнтервјуаНаш ИзборОхрид

Наташа Поповиќ: Програмата е завршена уште на 30 јуни сега ќе празнуваме, за новогодишните празници останувам во земјава

Завршуваме уште една година. Сите се надеваме на поуспешна 2022, многу планови и желби за истата, но и ги сумираме резултатите од годината од која броиме денови и часови. Кога зборуваме за успех, но и за фестивалот „Охридско лето“, некако се поврзува. Но, како менаџерскиот тим кој ја води оваа реномирана установа во земјава?
Разговараме со директорката на фестивалот м-р проф. Наташа Поповиќ. Станува збор за охриѓанка која ја води најпрестижната културна манифестација во државава, фестивалот-бренд на Охрид и Македонија , прославеното „Охридско лето“.

NEWS 1: Директорке, на крајот од 2021 год, од ваше гледиште како ја помивте годинава на професионален и приватен план?

Наташа Поповиќ: Имавме уште едно прекрасно издание на фестивалот „Охридско лето“ во време на пандемија со врвна програма како во музичкиот, така и во театарскиот дел. Беше реализирана програмата во целост, имавме 40 фестивалски дена со повеќе од 1000 уметници кои зедоа учество. Квалитетот на програмата се виде преку присуството на публиката и бројните аплаузи и овации што ги добија уметниците. Ако ме прашате кого би издвоила, многу тешко е да одговорам затоа што секој концерт и театарска претстава беа посебни но најмногу сум среќна што оваа година во време на пандемија фестивалот свечено го отворивме со наши македонски уметници, со проект на Националната опера и балет преку кој се изведоа врвните балетски дела на големиот Чајковски. Тоа ме правеше посебно среќна и горда на уметниците од нашата земја затоа што покажаа и докажаа дека не само кај нас, туку и во светот, со нивната виртуозност стојат рамо до рамо со светските уметници.

На приватен план, ретко давам изјави за мојот приватен живот затоа што сметам дека тоа е лично, мое приватно, но еве, само ќе кажам дека сум многу задоволна затоа што секогаш ја имам поддршката од семејството. Би кажала дека мојата ќерка оваа година стана апсолвент и за уште малку испити ќе дипломира. Ете тоа би го одвоила од приватниот живот.

NEWS 1: Делегација на „Охридско лето“ предводена од вас учествуваше на Генералното собрание на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА) што се одржа во Гелвеј, Ирска. На собирот на кој присуствуваше културната елита од Европа Фестивалот „Охридско лето“ е посочен за една од најуспешните приказни што ги негува културните високи уметнички дострели според европските и светските стандарди. Вие на ова собрание ја доби титулата почесен делегат. Што ова значи, може ли да ни објасните повеќе за ова Собрание колку тоа ќе ни помогне да го доиздигниме фестивалот?

Наташа Поповиќ:  Охридско лето е членка цели 26 години на Европската асоцијација на фестивали(ЕФА) со седиште во Брисел и тоа се должи на квалитетот на овој фестивал којшто постои 62 години. И претходно сум кажала дека „Охридско лето“ како дел од ЕФА се вбројува во најдобрите пет, а да не речам и три фестивали во Европа, и по изминати години и по квалитетот на програмата. Во таа асоцијација има над 350 делагати, менаџери, директори на фестивали и на културни установи, а како почесни делегати има неколку кои се музичари, а како што знаете и мојата професија е уметник-пијанист.Верувам дека тоа што сум почесен делегат во ЕФА, ќе придонесе уште повеќе во развојот на фестивалот „Охридско лето“. На таа средба се разговараше дека поддршката и финансиски и програмски треба да се насочи кон земјите од Балканот. Голема ми е честа и сум многу среќна што ја добив оваа титула и сум многу благодарна на целиот тим на „Охридско лето“ за несебичниот ангажман затоа што таму се претставуваме како тим.

NEWS 1:  Уште сосема кратко ќе се задржиме на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА). Вие тогаш нагласвте дека успесите на „Охридско лето“ се заслуга на залагањата и професионалноста на тимот, но и огромната поддршка на државните институции и покровителот. Дали ја имате истата поддршка и за годинава која ни претстои?

Наташа Поповиќ:  Неколку пати имам изјавено дека без разлика на која функција и позција е, човек може да биде успешен само ако околу себе има навистина професионален и лојален тим. Тоа го кажувам јас од првиот ден откако сум избрана за директор на НУ „Охридско лето“ и сум многу благодарна на целиот тим зашто успесите се заемни. Исто така ја користам оваа можност да ги приклучам кон тимот, музичкиот селектор Даница Стојанова и драмскиот селектор Александар Поповски кои навистина се дел од фестивалот. Да, како и секоја година и следната, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, останува како покровител. Нашето ресорно министерство е главниот адут бидејќи „Охридско лето“ е под капата на ова министерство. Во тек е изработка на буџетот за следната година. Програмата е веќе затворена така што сигурно главните се министерството за култура како финансиер, претседателот на државата како покровител и секако нашите лојално спонзори и помагатели на чело со Македонски телеком како генерален спонзор. Тука е и локалната самоуправа од Охрид која несебично секоја година го помага фестивалот.

NEWS 1:  Покрај стандардното присуство на политичкиот естаблишмент од власта ( кој секогаш е привремен и се менува на секои 4 години ) последниве години на фестивалските настапи музички или театарски се вратија и менаџерите на големите компании, како и дипломатскиот кор. Луѓето кои со години се мецени на фестивалот, но и важни имиња од бизнис секторот кои придонесуваат и за фестивалот но и за општеството, на ваша иницијатива повторно го следат фестивалот. Дали ова значи дека се внимава секој да добие внимание, не само настапувачите, туку и гостите?

Наташа Поповиќ:  Како и уметниците, за нас многу важна е и публиката. Публиката е нашиот најголем критичар и уметниците настапуваат токму за неа. Ние сме сите публика. Многу ни е важно колку таа е задоволна и кој сѐ ќе го поддржи овој фестивал, така што мислам дека за да се биде успешен менаџер на една институција треба да се задржат старите спонзори и поддржувачи и да се донесат нови. Се разбира, и во време на пандемија излегоа некои од помагателите, но не од незадоволство, туку така налагаше самата ситуација наметната од пандемијата на корона вирусот, ама влегоа и многу нови спонзори и помагатели на фестивалот. Точно, дипломатскиот кор во последните три години е многу позастапен бидејќи направивме уметнички вечери од нивните земји. Некои од овие вечери постоеја и претходно, но се додадоа и други. Европската вечер е секогаш присутна на „Охридско лето“ со уметници од земјата која во моментот претседава со Европската унија, ги имаме Чешката амбасада со Чешка вечер, Руската амбасада со Руска вечер, Италијанската амбасада со Италијанска вечер, потоа Шпанската амбасада со Шпанската вечер и други, а наредната година влегуваат уште неколку вакви дипломатско-уметнички вечери и сметам дека таа соработка со дипломатскиот кор треба да продолжи и понатака зашто од нивните земји навистина доаѓаат уметници коишто ги прават горди и самите дипломати што ја претставуваат сопствената земја во Република Северна Македонија.

NEWS 1:  И покрај тоа што фестивалот започнува во јули, знам дека по завршувањето на едниот веќе се подготвувате за новиот. Ова значи дека веќе сте во подготовка на она што ќе следиме во 2022. Дали нешто ќе ни откриете или премногу е рано? И дали и годинава ќе ја провлечете хуманитарната нишка?

Наташа Поповиќ:  Програмата е завршена уште на 30 јуни оваа година за да се запазат датумите на конкурсот за националните установи во министерството за култура. Ние уште тогаш ја поднесовме програмата за следната 2022 година. Не би можела сѐ уште да откривам имиња, премногу е рано, иако ги знам и јас и министерството за култура, а се разбира и селекторите на фестивалот, но секако тие ќе бидат соопштени на прес-конференција како и секоја година.

Ние како национална установа заради пандемијата годинава сакавме и можевме да помогнеме на здравствените работници со концертот на ансамблите Танец и Ладо, но и следната година исто така заради пандемијата ќе одвоиме некој од настаните што ќе има хуманитарен карактер и повторно со назнака за здравствените работници кои се уште се борат со пандемијата за која се надеваме дека брзо ќе заврши.

NEWS 1: На крајот неизбежно е прашањето, каде за дочекот на Новата 2022? Дали овие зимски празници повеќе преферирате да се посветите на семејството или има време за сѐ?

Наташа Поповиќ:  За новогодишните празници останувам во земјава, во Скопје. Љубител сум на скијањето, тоа е единствениот спорт што го обожавам и го преферирам уште од мали нозе. Секако дека во годината што претстои ќе одвојам неколку денови за скијање.

Инаку директорката м-р проф. Наташа Поповиќ, студирала на престижниот „ Валпарезо јуниверзити “ во Чикаго на отсекот за пијано каде дипломирала и се стекнала со звање „Пијанист “.

Во 1991 година таа била во десетте најдобри студенти во Америка и ја добила „Претседателската награда за вонсериски достигнувања “ која и била врачена од тогашниот Претседател на САД Џорџ Буш Постариот. Во 1998 година таа се враќа во Македонија и работи како професор во средното музичко училиште „ Илија Николовски Луј “ во Скопје.