Општина Охрид е дел од меѓународниот проект Germ of Life, кофинансиран од програмата Interreg Euro-MED, чија цел е развој и примена на дигитални алатки и стратегии за предвидување и управување со ризиците од суша, како и зајакнување на отпорноста на екосистемите на климатските промени.
Проектот обединува 14 партнери од седум европски земји: Грција, Италија, Португалија, Шпанија, Франција, Кипар и Македонија. Вкупниот буџет изнесува 3.797.350 евра.
Преку примена на вештачка интелигенција, метеоролошки податоци и системи за рано предупредување, проектот овозможува предвидување на ризикот од суша, проценка на ранливоста на териториите и идентификување иновативни решенија за заштита на природните ресурси.
Охрид е една од четирите нови територии во кои се спроведува фазата на трансфер, заедно со регионот на езерото Трасимено во Италија, Каталонија во Шпанија и Куриум на Кипар. Во оваа фаза развиените алатки и методологии ќе се приспособуваат на локалните услови, преку обуки, размена на искуства и активности за нивна практична примена.
Со учеството во проектот, Општина Охрид придонесува кон меѓународната соработка за подобро справување со климатските ризици, заштита на екосистемите и поодржливо управување со природните ресурси.
Повеќе информации за проектот: TУКА

















