Недостигот од спортски сали во Струга повторно го отвора прашањето за условите во кои тренираат најмладите и спортистите од градот. Од граѓани и родители се упатува апел до локалната и централната власт за итно решавање на проблемот со спортската инфраструктура.
Според апелот, единствената спортска сала во градот е недоволна за потребите на големиот број деца и млади кои тренираат различни спортови. Поради големата зафатеност на салата, дел од младите спортисти се принудени да патуваат до Драслајца за да можат редовно да ги одржуваат своите тренинзи.
За семејствата тоа значи дополнителни трошоци за гориво и превоз, но и дополнително време и организација. Посебен проблем, како што се посочува, имаат семејствата кои немаат сопствено возило, поради што дел од децата се соочуваат со ризик да се откажат од спортот што го тренираат.
Во апелот се нагласува дека прашањето не се однесува само на спортската инфраструктура, туку и на создавањето услови за правилен развој на децата и младите, нивното здравје, дисциплина и активно поминување на слободното време.
Едно од барањата е ставањето во функција на спортската сала кај „Нико Нестор“, како и утврдување конкретен план и рокови за нејзино реновирање, оспособување и повторно користење.
Од граѓаните се упатува повик до Општина Струга, надлежните институции и Владата, за заедничко наоѓање конкретно и долгорочно решение за спортската инфраструктура во градот.
„Не бараме невозможни работи. Бараме услови за нашите деца да спортуваат во својот град“, се наведува во апелот.
Оттаму додаваат дека секоја година без конкретно решение може да значи дополнителни генерации деца кои ќе се соочуваат со ограничени услови за спорт и рекреација.
Апелот е локалната и централната власт да седнат на иста маса и да најдат конкретно решение, со цел младите спортисти од Струга да добијат соодветни услови за тренинг во својот град.



















