Синоќа во Охрид беше отворена 17-та по ред меѓународна научна конференција за безбедност што ја организира Факултетот за Безбедност. Годинешна тема на настанот е, Безбедност 2030, ера на технологии , отпорни општества ризици и предизвици со основна премиса на Безбедносниот систем како гарант за владеењето на правото и развој на општеството.
Конференцијата за отворена ја прогласи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
– Исклучителна чест и задоволство ми е, во името на граѓаните на Охрид и во свое лично име , да ве поздравам и да ви посакам топло добредојде на отворањето на 17-та Меѓународна конференција „ Безбедност 2030, ера на паметни технологии , отпорни општества, ризици и предизвици“.
Охрид градот на вековната традиција, духовноста и културата, денес станува центар на глобалниот дијалог за еден од најважните столбови на современиот свет- Безбедноста.
Живееме во време на брза дигитална трансформација каде паметните технологии нудат извонредни можности за напредок, но истовремено носат и нови, комплексни ризици. Во оваа нова ера, јасно е дека безбедносниот систем е темелниот гарант за владеење на правото и за севкупниот одржлив развој на секое општество. Без стабилен и отпорен безбедносен систем, не можеме да зборуваме за силни институции, економски просперитет, ниту пак за безгрижен живот на нашите граѓани.
Создавањето отпорно општество бара заедница, адаптација и пред се – соработка. Дигиталните и хибридните закани со кои се соочуваме денес не познаваат граници. Токму затоа, присуството на научници и практичари од 15 различни земји кои ќе презентираат 73 научни трудови од безбедносната област, тука во Охрид е од непроценлива важност. Вашата взаемна размена на знаења, искуста и иновативни решенија е клучот со кој ќе ги градиме стратегиите за безбедност до 2030 година и понатаму.
Како локална самоуправа, ние постојано се стремиме кон подобрување на квалитетот на животот и безбедноста на сите жители и бројни туристи, прифаќајки ги сите паметни концепти за управување. Пораките и заклучоците од оваа конференција без сомнеж ќе бидат значаен патоказ за сите нас во креирање на побезбедна и подобра иднина.
Ви посакувам плодна и успешна работа, инспиративни дискусии и носење заклучоци кои ќе дадат реален придонес во науката и практиката. Покрај работниот дел , искрено се надевам дека ќе одвоите време да доловите дел од убавините на вечниот Охрид, градот под Самоиловите тврдини кој се буди крај бистрите езерски води, а охриѓани ќе ги доживеете како добри домаќини– истакна Пецаков.
На настанот присуствуваа, Министрите за Внатрешни работи и Образование и наука, Панче Тошкоски и Весна Јаневска и останати високи претставници од државни и научни институции.
Со 73 научни трудови по безбедност на настанот учествуваат експерти од: Македонија, Србија, Албанија, Косово, Унгарија, Словачка, Хрватска, Бугарија, Украина, Босна и Херцеговина, Германија, Романија, Соединтите Американски Држави, Црна Гора и Ангола.


















