Денеска во Вевчани свечено ќе биде отворен 16-тиот по ред фестивал на народна култура „Пображење“ во организација на Културно Уметничкото Друштво „Дримкол“. Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на големата сцена во спортското двориште во центарот на Вевчани. Фестивалската програма, започна уште вчера со програмската содржина: ,,Охрид и Струга – етнографски бисери на балканот” од авторот Љупчо Милошевски кој приредни прекрасна ревија на народни носии од Охрид и Струга.
– Вевчани од секогаш бил достоен чувар на традицијата, со векови го негува и презентира фолклорното творештво на својот народ, а токму и овој фестивал е само уште една потврда за нашиот однос кон богатото македонско културно наследство. Фестивалот има за цел да ја претставува изворната фолклорна традиција на својата земја, но и да презентира пред својата публика дел од народната култура на други странски држави, на што укажува и годинешната програма. Во Вевчани годинава ќе се претстават на сцена над 500 уметници, а воедно истите ќе го посетат Вевчани што покажува на силна взаемна врска помеѓу културата и туризмот кој заедно влијаат на општиот живот и развој на нашето место – изјави, д-р Тошо Чочороски, претседател на КУД „Дримкол“.
Народната култура на својата земја оваа година на сцената во Вевчани ќе ја презентираат фолклорни ансамбли од Македонија, Босна и Херцеговина, Словачка, Бугарија.
Фестивалот завршува на празникот Преображение Христово на 19 август со концертот на вокално – инструменталниот ансамбл ,,Дамар” од Македонија. Фестивалот и оваа година е под покровителство на министерството за култура на РС Македонија и на општина Вевчани.

















