Во преполното Предворје на црквата „Света Софија“, светски познатиот виолинист Стефан
Миленковиќ и камерниот оркестар „Профундис“ приредија незаборавна музичка вечер која ја
одбележаа врвни интерпретации, силни емоции и извонредна атмосфера. Концертот се одржа
во рамки на програмата на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Сцената, внимателно уредена и осветлена со стотици свеќи, создаде посебен амбиент кој
совршено ја надополни музичката програма и на публиката ѝ понуди несекојдневно
аудиовизуелно доживување.

На програмата беа изведени „Серенада за гудачи“ оп. 48 од Петар Илич Чајковски, „Возлет на
чучулигата“ од Ралф Вон Вилијамс, „Интродукција и Рондо капричиозо“ од Камиј Сен-Санс,
како и виртуозната „Кармен“ фантазија оп. 25 од Пабло де Сарасате, едно од најсложените и
највпечатливи дела во виолинската литература, кое бара исклучителна техничка подготвеност
и уметничка зрелост.
Под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, Миленковиќ уште еднаш ја потврди
својата репутација на еден од најистакнатите виолинисти на денешницата. Со сигурност,
прецизност и длабока музикалност тој ја воодушеви фестивалската публика, која со долги
аплаузи и овации ја наградуваше секоја негова изведба.

Миленковиќ, кој е миленик на фестивалската публика на „Охридско лето“ и овојпат ја покажа
својата виртуозност над виолината со која владее уште од неговата најрана детска возраст.
– Секогаш со големо задоволство настапувам со „Профундис“. Тоа е оркестар со извонреден
квалитет, но пред сè, со исклучителна енергија, карактер и ентузијазам. Секогаш сум среќен
кога повторно доаѓам на „Охридско лето“. Овој фестивал има посебно место во моето срце, а
охридската публика секогаш ме пречекува со голема топлина и љубов. Вистинско задоволство
е повторно да се биде дел од оваа прекрасна фестивалска атмосфера, вели Миленковиќ.

Камерниот оркестар „Профундис” е формиран во 2019 година од страна на диригентката
Ѓурѓица Дашиќ. Во него членуваат некои од најистакнатите македонски инструменталисти од
повеќе различни генерации. Идејата на „Профундис” е да се создаде висококвалитетен
професионален ансамбл кој покрај изведбите на капитални дела, ќе поставува праизведби на
дела од современи автори од класичната музика, да биде во функција на македонските врвни
изведувачи, како и на македонските современи автори, да носи светски имиња од светот на
класичната музика како солисти и да ги поместува границите на креативноста како во смисла
на изведбата, така и во смисла на сценскиот настап.

















