АктуелноОхрид

(ФОТО)Присуството на Богородица во Населба Рача преку иконата „Млекопитателница“

И благодариме на Царицата Мајка што и оваа година нè собра на ова благословено место на кое само пред неколку години ги осветивме темелите на овој свет храм – дом Божји и духовно огниште на нашето село. А денес, по нејзината неискажлива милост, повторно сме собрани, не само од Велестово, туку од сите краишта на нашата татковина, за заедно да го пречекаме нејзиниот сечесен и чудотворен образ – иконата на Пресвета Богородица „Млекопитателница“.
По Божја промисла и по нејзиното мајчинско застапништво, нашето село, а со него и целата западна страна на Галичица, се удостоија во своите пазуви да го примат благословот на овој светогорски образ на Мајката Божја. Оваа света икона ни пристигна како жива утеха, како небесен благослов и духовен дар, кој отсега ќе ги крепи сите што со вера ќе ѝ пристапуваат.
Нашата радост денес е голема и неискажлива. Затоа, со благодарност кон сите што се вградија во ова свето дело, со едно срце и една уста извикуваме:
На блаженоупокоениот митрополит Тимотеј, кој ја благослови нашата намера да изработиме копија од оваа светогорска светиња: со љубов и благодарност му велиме: Вечен спомен!
На Маја Петрушевска, која земното не го жалеше и за Божјото се грижеше, од привременто се откажа за да ѝ послужи на Мајката Божја: Многаја лета!
На Петре Гогоски, благочестивиот зограф, кој со бои го претстави овој најсветол лик на Пресветата Богородица и за нас хранителка: Многаја лета!
На сите млади од целата земја Македоска и од Тиквешијата, кои како во апостолско време, по дарежливоста своја се истакнаа: Многаја лета!
На Партениј, преосветениот епсикоп Антаниски, чие срце за убавината на Божјиот дом со неизгаслива љубов гори, украсителот на оваа сечесна икона на Мајката Царица: Многаја лета!
На чесните свештеници, кои со благослов на нашиот Архипастир, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, дојдоа да ја пречекаат оваа голема светиња, носејќи ја благодатта на свештенството и молитвеното застапништво на Црквата, та во негово име свечено ја воведоа Мајката Божја меѓу својот народ: Многаја лета!
На сите овде собрани велестовци и сите кои ја љубите Богородица, од секаде притекнати, нека ви бидат годините многу, зимите благи и летата плодни!