Охрид влегува во шпицот на летната туристичка сезона, кога традиционално за празникот Илинден, на 2 август, градот е исполнет со десетици илјади посетители, пред сè млади луѓе кои доаѓаат поради бројните концерти, фестивали и музички настани што се организираат во овој период.

По завршувањето на вечерните забави, голем број млади остануваат на кејот „Македонија“, во парковите и на клупите покрај езерото, каде што до доцните утрински часови консумираат храна и алкохолни пијалаци. Сликата што останува зад нив, сепак, не е во духот на туристичкиот бисер. Уште во раните утрински часови екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ со лопати, трактори и механизација ги собираат големите количини отпад што останува на кејот – пластични чаши, шишиња, лименки, кеси и амбалажа. Но, проблемот не завршува тука.
Дел од отпадот завршува во водите на Охридското Езеро, каде што секое утро можат да се забележат пластични шишиња од сокови, алкохолни пијалаци и друг отпад како плута покрај брегот. За разлика од кејот, каде што комуналните служби можат брзо да интервенираат, отпадот што ќе заврши во езерото многу потешко се отстранува, бидејќи механизацијата што ги чисти пешачките површини не може да влезе во водата. Овој предизвик не е карактеристичен само за Охрид.

Со слични проблеми во екот на туристичката сезона се соочуваат и други популарни медитерански дестинации, како Сплит, Барселона и островот Мајорка, каде што прекумерниот туризам предизвикува незадоволство кај локалното население. Во дел од овие туристички центри се организираат протести и граѓански иницијативи против негативните последици од масовниот туризам, како што се бучавата, загадувањето и нарушувањето на секојдневниот живот на жителите.
Охрид и ова лето покажува дека е една од најпосетуваните туристички дестинации во регионот, но големиот број гости со себе носи и обврска за поголема грижа кон животната средина. Зачувувањето на чистотата на кејот и, пред сè, на водите на Охридското Езеро е одговорност и на институциите, но и на секој посетител кој ќе одлучи празничните денови да ги помине во градот.

















