АктуелноОхрид

Краповски: „Охридско лето“ не е само задоволство, туку и престиж за македонските уметници

Ансамблот „Алтус“ познат по изведбата, афирмирањето и зачувувањето
на класичното и современото македонско музичко творештво,
вчеравечер беше вистинско освежување за публиката на фестивалот
„Охридско лето“.

 

Концертот на членовите на овој состав кои се истакнати изведувачи со
домашно и меѓународно реноме, се одржа во црквата „Света Софија“. Под
диригентската палка на Ана Спасовска настапија сопранот Гонца
Богоромова Краповски, флејтистката Елена Стојческа, кларинетистот Игор
Иванов, гитаристот Роман Петиот, пијанистката Маријана Николовска,
виолинистот Мартин Димитров, Александар Лаовски на виола и Паскал
Краповски на виолончело.

 

Извонредниот виолончелист Паскал Краповски рече дека ова е трето
нивно учество во рамки на „Охридско лето“, што според него, е знак за
континуитет и докажани концерти кои очигледно даваат ефект за да
продолжи таквиот континуитет.

-За нас, како и за секој македонски уметник, најпрестижниот фестивал во
Македонија, „Охридско лето“ не е само задоволство, туку и престиж
бидејќи самиот фестивал си ја носи тежината. Искуството што ние го
споделуваме со публиката и тоа што ние го доживуваме е нешто што е
незаменливо, нема цена, нема зборови со коишто може да се објасни.
Чувството на сцена го носиме ние, го доживуваме и тоа е прекрасно,
посебно во простор како црквата „Света Софија“, изјави Краповски.
На синоќешниот репертоар беа прекрасни изведби на дела од
современите македонски композитори Панде Шахов, Дарија Андовска,
Дамјан Темков, Ангел Спироски и Томислав Зографски, но и композиции
од Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Андре Капле, Гијом Конесон, Х.Вила-
Лобос, Мануел де Фаља и Астор Пјацола.

 

-Со оглед на тоа што ние сме ансамбл за современа музика, се трудиме да
ја негуваме македонската современа класична музика како нешто

квалитетно не само дома, туку да ја презентираме и надвор. Направивме
една колажна програма која го опфати нашиот домен на интерес, но
сепак настапуваме на фестивал којшто се одржува во лето, а без летна
музика не може, додаде виолончелистот Краповски.

 

Ансамблот „Алтус“ кој уште од самите почетоци на своето постоење е
одлично пречекан од страна на стручната јавност, во 2024 година ја доби
и наградата „Георги Божиков“ што ја доделува СОКОМ како признание за
најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори.