Комитетот на УНЕСКО донесе одлука Охридскиот Регион засега да не биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, туку на државата да ѝ даде дополнителен рок од вкупно пет години за спроведување на препораките што се однесуваат на заштитата на природното и културното наследство.
Со оваа одлука, Македонија добива нова можност да ги реализира мерките што УНЕСКО со години ги посочува како неопходни за зачувување на исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион. Препораките опфаќаат подобра заштита на природните богатства, зачувување на културното наследство, спречување на нелегалната градба, подобро урбанистичко планирање и поефикасно управување со регионот.
Ваквиот исход не е никаква случајност. Очигледно заложбите и напорите на владата во последните две години беа препознаени и поздравени од организацијата, особено ако се имаат во предвид низата негативни извештаи од 2017 година наваму.
Инаку преиначување односно недонесување на веќе предложена одлука за впишување на светско наследство на листата на светски наследства во опасност е исклучително ретка појава. Такви се случаите со Венеција и Големиот корален гребен во Австралија во 2021 година .Ова го прави успехот на нашата земја особено значаен и историски.
Охрид и Македонија добија заслужена меѓународна поддршка. Поддршка која е во истовреме и силна обврска и која ќе мора да се оправда во периодот што следи.
Во наредниот период, надлежните институции ќе треба да покажат конкретни резултати во исполнувањето на обврските, по што Комитетот на УНЕСКО повторно ќе ја разгледува состојбата и напредокот во спроведувањето на препораките.
Одлуката се смета за значајна можност Охрид да го задржи статусот на светско природно и културно наследство без да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност, но истовремено претставува и сериозна обврска за државата и локалните власти во наредните години да преземат конкретни чекори за трајна заштита на едно од највредните природни и културни богатства во Европа.

















