АктуелноОхрид

Хрицова: „Охридско лето“ е жив тестамент за моќта на културата

Синоќешниот концерт на гудачкиот квартет при Државниот камерен оркестар
„Жилина“ од Словачката Република, уште еднаш ја потврди оправданоста на
годинешното мото на фестивалот „Охридско лето“ дека „Уметноста трансформира –
Уметноста е љубов“.

 

Токму таков беше и настапот на членовите на овој состав, Роберт Копелман, прва
виолина, Катерина Миронова , втора виолина, виолистот Александр Дјагилев и
виолончелистката Дарја Земскаја. Со своето вдахновено музицирање, тие ги разбудија
сите сетила кај љубителите на класичната музика кои го проследија концертот во
црквата „Света Софија“.

 

Концертот долго ќе се памети заради врвната интерпретација на Моцартовиот гудачки
квартет бр.15, но и на дела од словачките композитори Јан Левослав Бела, Иља
Зељенка и Еуген Сухон. Привлечната и убаво селектирана програма се одржа во рамки
на Словачката вечер на „Охридско лето“ која се организира со поддршка на
Амбасадата на Словачка Република во земјава.
Амбасадорката на Словачката Република во РС Македонија, Ивета Хрицова, која
првпат ја следи фестивалската програма откако минатата година е назначена на
нејзината функција, нагласи дека концертот на уметниците од Словачката Република
не е само уметничко доживување, туку, како што кажа, и почеток на уште поблиска
соработка помеѓу двете држави.

 

-Фестивалот „Охридско лето“ е многу повеќе од една вечер за нас . Тој е жив тестамент
за моќта на културата која ги дефинира луѓето, нациите и генерациите. Фестивалот е
место каде што се среќаваат различни уметнички традиции, нагласи амбасадорката
Хрицова.

 

Гудачкиот квартет на Државниот камерен оркестар „Жилина“ (ШКО Жилина) е основан
во 2024 година и оттогаш настапил на бројни концерти и значајни општествени
настани, успешно претставувајќи висок уметнички квалитет и интересна драматургија,
како во Словачка, така и во странство.Членовите на ансамблот настапуваат не само
како камерен состав туку и одделно, како солисти со оркестарот во рамките на
претплатничката сезона на ШКО Жилина.Концерт мајстор на ШКО Жилина е Роберт
Копелман кој потекнува од Братислава од познато музичко семејство.