Посебно внимание ќе се посвети на феноменот на ритуалното движење, улогата на литургиските и празничните поворки, како и на визуелниот ефект на фасадите и архитектонската пластичност во процесот на создавање сакрален амбиент. Во овој контекст, Охрид ќе биде претставен како простор на густо меѓусебно проникнување на архитектурата, ритуалната и колективната меморија, во кој црквите функционирале како духовни и визуелни точки на сложена мрежа.
Предавањето го поставува и прашањето за односот помеѓу земскиот град и идејата за Небесниот Ерусалим во византиската и доцновизантиската култура, што укажува дека архитектурата на средновековен Охрид учествувала во обликувањето на простор кој ја надминал својата практична функција и станал носител на симболични и духовни значења.















