Туризмот во Македонија бележи раст на бројот на туристи во првиот квартал од 2026 година, покажуваат најновите официјални податоци на Државниот завод за статистика.
Во март 2026 година, во земјава биле регистрирани 73.921 туристи, кои оствариле вкупно 134.233 ноќевања. Во споредба со истиот месец лани, бројот на туристи е зголемен за 4,3 проценти, додека бројот на ноќевања е повисок за 1,7 проценти.
Од вкупниот број туристи во март, 19,7 проценти биле домашни, а дури 80,3 проценти странски туристи, што уште еднаш го потврдува растечкиот интерес на странските посетители за туристичките дестинации во Македонија.
Според статистиката, во март годинава биле регистрирани 14.554 домашни туристи и 59.367 странски туристи. Кај странските гости е забележан раст од 7,4 проценти во однос на март 2025 година.
Во делот на ноќевањата, странските туристи оствариле 98.646 ноќевања, што претставува раст од 3,8 проценти, додека домашните туристи реализирале 35.587 ноќевања.
Во периодот јануари – март 2026 година, Македонија ја посетиле вкупно 175.518 туристи, што е за 5,2 проценти повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Бројот на странски туристи во првиот квартал изнесува 124.891 и е зголемен за 6,9 проценти, додека кај домашните туристи е регистриран пораст од 1,3 проценти.
И покрај растот на туристите, вкупниот број на ноќевања во првиот квартал бележи благо намалување од 0,3 проценти. Вкупно се реализирани 332.868 ноќевања, при што кај домашните туристи има намалување од 1,2 проценти, а кај странските е регистриран минимален раст од 0,2 проценти.
Најголем број странски туристи во март 2026 година пристигнале од Германија – 9.645 туристи, по што следуваат Турција со 9.090 туристи, Франција со 4.945 и Србија со 3.955 туристи.
Туристичкиот сектор очекува позитивниот тренд на раст на странските гости да продолжи и во текот на летната сезона, особено во најпосетуваните туристички центри како Охрид, Струга, Скопје, Маврово и Дојран.














