Денешниот дожд во Охрид не ја поколеба хуманоста и охриѓани уште еднаш подадоа рака и зедоа учество во хуманитарната трка „Од срце трчај, со срце дарувај за малата Ева“.
Трката се одвиваше на потегот од почетокот на кејот пред The Harbour Club, до почеток на плажата „Горица 1“, со должина од 5 километри.
– Денес сме тука не само да трчаме, туку да покажеме дека срцето има сила да менува животи.Традиционално по втор пат се одржува трката „Од срце трчај-со срце дарувај“, која не е обичен настан, таа е симбол на солидарност, љубов и надеж и оваа година е посветена на малата Ева, која храбро се соочува со сериозни животни предизвици, порачаа организаторите кои се заблагодарија до сите кои помогнаа да се одржи овој настан, а посебно до сите учесници, донаторите и луѓето со големи срца.
Потенцираа дека нивниот чекор денес значи надеж, вашата поддршка значи сила, а вашата хуманост значи иднина за Ева.
– Да продолжиме да трчаме, не само денес, туку и во животот, со срце, со вера и со желба да помогнеме таму каде што е најпотребно. Од срце ви благодараме на сите, стои во пораката.
Средствата ќе бидат наменети за лекување на малата Ева. Трката беше во категории ученици, наставници, родители и други возрасни учесници.

На 10-годишната Ева од Охрид, храброто девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските), кој бара интензивен и долготраен третман, сега можат да и помогнат и сите хумани луѓе ширум светот, преку сметката која е веќе отворена на платформата GoFundMe. На истата може да се пристапи ОВДЕ.
– Ева е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман. Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри. Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен, Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки), стои во апелот објавен на ecrowd.mk.
Дополнително, сите хумани граѓани можат да донираат и преку трансакциската сметка:
Комерцијална Банка: 300017123936746. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива













