АктуелноМакедонија

Мицкоски: Ако Груевски се врати, ќе оди во затвор

Премиерот Христијан Мицкоскиизјави дека доколку поранешниот премиер Никола Груевски се појави во Македонија, правосудните органи ќе го испратат на издржување на затворската казна за која има правосилна пресуда. Изјавата следи во контекст на дебатите што се отворија по политичките промени во Унгарија и прашањето дали поранешниот премиер во бегство ќе биде екстрадиран во земјава.

„Специфичните политики, поврзани и со поранешниот премиер Никола Груевски, се одлука на унгарската влада“, рече Мицкоски. Тој потсети дека барање за екстрадиција било поднесено уште во 2018 година, но било одбиено во 2019 година, поради тоа што на Груевски му бил одобрен азил.

Според Мицкоски, постои јасна процедура кога станува збор за лица со добиен азил, а за дополнителни детали упати кај министерот за правда, Игор Филков.

„Секое лице има право на жалба, но ние како држава имаме правосилна судска пресуда со која Груевски е упатен на издржување затворска казна. Кога и дали ќе се врати – јас немам никакви очекувања“, изјави Мицкоски.

Премиерот му ја честиташе изборната победа на новоизбраниот унгарски премиер Петер Маѓар, изразувајќи очекување дека ќе води проевропски и проинтегративни политики и ќе даде силна поддршка за европската интеграција на регионот и Македонија.

Екстрадицијата повторно во фокусот
Прашањето за екстрадицијата на Никола Груевски повторно стана актуелно откако новиот унгарски премиер Петер Маѓар изјави дека Унгарија повеќе нема да обезбедува засолниште за лица кои се барани од правосудните органи во други држави, што директно се однесува и на странски политичари заштитени од претходната власт на Виктор Орбан.

По оваа изјава, лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, побара од Владата да поднесе ново барање за екстрадиција на Груевски, но и да отвори истрага за, како што ги нарече, „тајните бизнис релации“ со Будимпешта.

„Новата унгарска власт јасно порача дека нема да обезбедува засолниште за лица кои бегаат од правдата. Прашањето е дали оваа влада досега има поднесено барање за екстрадиција на Никола Груевски. Ако нема – зошто? И дали ќе го стори тоа сега?“, изјави Филипче.

 

 

DW