АктуелноМакедонија

Експретседателката на ДКСК негира вина

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, денеска пред судот изјави дека не се чувствува виновна за кривичните дела за кои се товари – оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.

„Сметам дека не сум сторила ништо за што сум обвинета“, изјави Димитровска при произнесувањето пред судот.

Таа информираше дека во моментов е вработена во Државниот завод за ревизија како помошник на државниот главен ревизор.

Обвиненијата против Димитровска
Димитровска е обвинета за две кривични дела – оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, како и за компјутерски фалсификат. Според обвинението, ревизорот Миле Столевски во нејзино име го полагал тестот за добивање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации.

Покрај Димитровска, на обвинителната клупа седнаа и Столевски, како и Билјана Петровска-Мантева, која исто така се товари за оддавање службена тајна. И другите обвинети пред судот изјавија дека не се чувствуваат виновни.

Над 250.000 електронски записи
Бранителот на Димитровска, адвокатот Владимир Туфегџиќ, побара обвинението да биде повлечено. Според него, ДКСК доставила известување дека сите седници на кои се разгледувале предметите биле јавни, пренесувани во живо и сè уште се јавно достапни.

„Ниеден документ што бил предмет на расправа на јавна седница немал класификација ‘службена тајна’“, изјави Туфегџиќ.

Тој додаде дека Димитровска не оспорува дека имало комуникација со Столевски, но истакна дека таа била исклучиво во насока на пополнување на апликацијата и дека, според одбраната, нема елементи на кривично дело.

Обвинителството, пак, посочи дека располага со цврсти материјални и вербални докази, како и анализа на податоци екстрахирани од мобилниот телефон на Димитровска, кои опфаќаат околу 250.000 електронски записи.

Татјана Димитровска во јули минатата година поднесе оставка од функцијата претседателка на ДКСК, неколку месеци по обелоденувањето на случајот поврзан со предметот „Адитив“.

 

DW