АктуелноМакедонија

Поевтини горива од полноќ

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) одлучи од полноќ да ги намали максималните малопродажни цени на нафтените деривати, со просечно намалување од 2,73%. Дизелот поевтинува за 2,5, а бензините за 1,5 денар по литар. Цената на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 3,5 денари за литар и ќе биде 96,5 денари. Со одлуката на РКЕ за 2,084 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 49,227 денари.

РКЕ посочува дека намалувањето се должи на пониските референтни цени на светските пазари (од 2,7% до 4,5% по производ), како и на зајакнатиот денар во однос на американскиот долар.

Станува збор за максимални цени – трговците можат да продаваат и пониско. Најголем дел од бензинските станици дизелот веќе го продаваат 3 денари под максималната цена, а бензините за 2 денари поевтино.

Владата најавува нови „микротаргетирани“ мерки
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата на седница ќе разгледува конкретни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и со цел да се спречи зголемувањето на цените на прехранбените производи. Мерките ќе следуваат откако ќе се анализира извештајот од надлежните институции.

„Очекувам да го добијам извештајот и да го анализираме овие денови многу внимателно и дури тогаш ќе излеземе со одредени мерки. Сакаме тие овој пат да бидат микротаргетирани“, изјави Мицкоски.

Тој потсети дека, со вклучување и на попустите од „Окта“ (2 денари за бензин и 3 денари за дизел), Македонија ќе има убедливо најниски цени на горивата во регионот. Мицкоски нагласи дека Владата навремено реагирала, потсетувајќи дека земјата била меѓу ретките (заедно со Шпанија) кои го намалиле ДДВ за горивата, што сега го препорачува и Европската комисија.

 

 

DW