АктуелноОхрид

(ФОТО) Еколошка акција на учениците од подрачното ОУ „Дедо Лазор Циркоски“ во Враништа

Учениците и наставниците од ООУ Дедо Лазор Циркоски од село Враништа денес реализираа еколошка акција со засадување украсни дрвја во дворот на училиштето, активност која е дел од практичната настава по општествена и хумана работа.

Во рамки на активноста, учениците од седмо одделение, заедно со стручната служба и менторите ги претворија теоретските знаења во практично искуство, испраќајќи порака за одговорност и грижа за животната средина.

– Особено сме горди што денес сме сведоци на еден ваков конкретен резултат. Учениците од седмо одделение, заедно со стручната служба на училиштето и своите посветени ментори, Јулијана Димоска и Антонио Ќосески, успеаја да ги претворат часовите по Општествена и хумана работа во вистинско, опипливо искуство. Наместо теорија, тие избраа акција. Наместо зборови – дела. Денешната активност, засадувањето на украсни дрвја во дворот на училиштето, е само првиот чекор од низата планирани активности, но веќе носи силна порака за одговорност, заедништво и грижа за животната средина, беше исталнато од страна на носителите на проектот .

Од училиштето упатија благодарност до Министерство за образование и наука  за континуираната поддршка во унапредувањето на воспитно-образовниот процес и воведувањето современи методи на работа кои ги поттикнуваат учениците да бидат креативни, активни и општествено одговорни.

Поддршка за реализација на оваа иницијатива даде и компанијата Magna International, која донираше садници за уредување на училишниот двор. Од училиштето посочуваат дека ваквата соработка меѓу институциите, образованието и бизнис секторот придонесува за создавање поквалитетна средина за учениците.

Од училиштето нагласуваат дека ова е само првата од низата планирани активности, со кои учениците ќе продолжат да учат преку практични примери и да придонесуваат за подобра и поздрава животна средина. 🌿🏫