Во чест и сеќавање на охридскиот поет и писател за деца, Тоде Илиевски денеска во Општина Охрид се одржа литературна манифестација на кој беа доделени наградите од распишаниот конкурс за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“.
Во името на Локалната самоуправа присутните ги поздрави Билјана Коталески, советничка во Советот на Општина Охруид.
– Ми претставува големо задоволство што денеска имам можност да ви се обратам во името на Општина Охрид и да бидам дел од оваа убава културна средба посветена на ликот и делото на Тоде Илиевски, автор кој со своето творештво остави значајна трага во македонската литература за деца.
Творештвото на Тоде Илиевски претставува вредно наследство кое и денес инспирира. Неговите песни, создадени со искрена љубов кон детскиот свет, носат пораки за добрина, надеж и верба во убавината на соништата.
Токму преку таквите дела детската литература ја исполнува својата најважна улога, да ги поттикне детското љубопитство, фантазијата и љубовта кон пишаниот збор.
Оваа манифестација има двојно значење. Со неа се одбележува споменот на еден истакнат автор, а воедно се остава простор за создавање на нови дела со кои се збогатува детската литература.
Упатувам искрени честитки до наградените автори на објавениот конкурс, како и до сите учесници кои со своите творби ќе придонесат оваа манифестација да добие посебна вредност. Вашата инспирација и љубов кон творештвото се доказ дека детската поезија продолжува да живее и да се развива.
Воедно, сакам да им се заблагодарам на организаторите и на сите кои вложуваат труд, оваа манифестација да продолжи да се одржува и да прерасне во една убава традиција. Ваквите настани се важни за културниот живот на нашиот град и за унапредување на литературната дејност.
Општина Охрид секогаш ќе биде подготвена да ги поддржи ваквите проекти и да даде свој придонес за развој на ново книжевно творештво.
Нека делото на Тоде Илиевски продолжи да биде поттик за нови генерации поети и писатели за деца и за сите оние кои веруваат во силата на вредните литературни дела!, истакна советничата Коталески.
Организатор на настанот е Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“ со поддршка на Општина Охрид.











