Здружение на граѓани со ретки болести „Ретко е да си редок“ со особено задоволство го најавува свеченото одбележување на Денот на ретките болести, настан посветен на подигнување на свеста и поддршката за лицата со ретки дијагнози.
Под мотото „Реткоста е сила, а заедништвото е нашата најголема моќ“, организаторите подготвија богата и разнолика програма исполнета со музика, танц и креативни активности. Настанот ќе се одржи во сабота, на 28 февруари 2026 година, со почеток во 12:00 часот, а присутните низ програмата ќе ги води Анета Јованоска.
Според агендата, од 11:30 до 12:00 часот е предвидено пристигнување и регистрација на учесниците, гостите и децата, по што ќе следува свечено отворање и поздравно обраќање.
Во музичкиот дел ќе настапат дечињата од детскиот фестивал „Распеано рибарче“, кои ќе изведат пет фестивалски песни и една заедничка композиција. Публиката ќе има можност да ужива и во танцовиот настап на малите балерини од Студио за танц „Соната“, како и во хорските изведби на Охридскиот детски хор „Бамбино“ и хорот „Гердан од бисери“, кој ќе се претстави со две авторски песни.











