Од печат излезе книгата „Молебен канон на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан“, во издание на издавачката куќа „Канео“ при Дебарско-кичевската епархија. Канонот е составен по повод 70-годишнината од раѓањето на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и претставува духовен принос пред престолот Божји и молитвен израз на љубовта на Црквата кон својот Претстојател и неговиот небесен закрилник. Во печатеното издание, канонот е нотиран со невматска нотација, со што се овозможува негово автентично богослужбено изведување во духот на православната црковна музичка традиција.
Покрај печатеното издание, канонот е снимен во аудио и видео форма и поставен на платформата Јутјуб, со што овој богослужбен текст станува достапен и за поширокиот верен народ, како средство за заедничка и лична молитва.
Во воведот кон печатеното издание, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј истакнува дека светиот архиѓакон и првомаченик Стефан, како прв маченик на Христовата Црква, со својата чиста вера, силно слово и жртвена љубов го запечати сведоштвото за воскреснатиот Господ. Неговиот маченички подвиг не е само историски спомен, туку живо сведоштво дека Црквата се гради врз жртвата, смирението и верноста до крај. Токму во тој дух се препознава и архипастирското служење на Архиепископот г.г. Стефан, кој со трпение и тивка ревност ја носи одговорноста за доверениот му верен народ.
Јубилејот од седумдесет години од раѓањето на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан не нѐ повикува само на честитка, туку пред сè на молитва. Во изминатите години од неговото архипастирско служење, Македонската православна црква – Охридска архиепископија помина низ искушенија, но и низ благословени мигови на духовно созревање и значајно историско сведоштво. Во сето тоа, Архиепископот Стефан остана пример за кротко, достоинствено и одговорно црковно раководење, втемелено врз верата, канонскиот поредок и љубовта кон Црквата – истакнува Митрополитот г. Георгиј.
Автор на Молебниот канон е Продеканот на Православниот богословски факултет проф. д-р Виктор Недески, а делови од овој канон за првпат јавно беа изведени на 8 јануари 2026 година, на навечерието на празникот на светиот првомаченик Стефан, на празничниот прием организиран од Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, по повод божикните празници и неговиот именден.
Канонот завршува со величанија – како заедничка молитва за здравје, долговечност и духовна крепост на Архиепископот г.г. Стефан, но и како благодарење за сето она што преку неговото служење Господ го изврши меѓу верниот народ. Во овој канон се соединува небесното застапништво на светиот првомаченик Стефан со земната благодарност на Црквата, која со доверба и љубов го следи својот пастир.
Во реализацијата на проектот учествуваа Митрополитот Георгиј, о. Христијан Костоски, Виктор Недески, Бранко Корженски, Илија Ристески, Дарио Божиновски, Благоја Атанасоски и Никола Ристевски. Аудио-снимањето и продукцијата ги реализира Владан Дробицки, а видео-монтажата Мицко Дамњановски.
„Нека молитвите на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан бидат постојана закрила и поткрепа на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а Господ нека му подари уште многу години исполнети со духовна мудрост, мир и плодотворно служење, за добро на Црквата и за спасение на верниот народ“ – посакуваат реализаторите на овој проект.
liturgija.mk












