Охриѓанецот Валентин Тренески, член на Пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“ од Охрид ја освои наградата за најдобар пливач во далечинско пливање, во сениорска категорија за 2025 година.
Во знак на признание за остварените резултати во 2025 година и значајниот придонес во развојот и афирмацијата на далечинското пливање, младиот, 19-годишен пливач го доби признанието на Годишното собрание за 2025 година на Националната пливачка федерација на Република Македонија, кое се одржа на крајот на месец декември минатата година. Наградата е доделена за исклучителни постигнувања и врвни резултати во далечинското пливање во сениорската конкуренција.
– Со својата континуирана, дисциплинирана и пожртвувана посветеност во тренажниот процес, високо ниво на физичка и ментална издржливост, и силен спортски карактер, тој се истакна како еден од најуспешните пливачи во оваа дисциплина. Под стручно водство на својот тренер, професор по физичко и здравствено образование, м-р Катерина Стојаноска, Валентин Тренески со упорна работа, одговорен однос кон тренинзите и изразен спортски дух постигнува значајни резултати и достојно го афирмира пливачкиот спорт и својот клуб, информираат од неговиот клуб.












