Во подрачното основно училиште „дедо Лазар Цирекоски“ денес беше одржан отворен час на тема „Врсничко насилство“, со цел подигнување на свеста кај учениците за значењето на меѓусебното почитување, толеранција и ненасилна комуникација. Настанот беше реализиран во рамки на редовните активности за превенција од насилство во училиштата. Преку интерактивни разговори, примери од секојдневието и едукативни активности, учениците ги потенцираа сите различните форми на врсничко насилство – физичко, вербално, психичко и сајбер-насилство, како и со начините на кои можат да го препознаат и пријават.

Од страна на двајца ученици од деветто одделение беа прочитани есеи на оваа тема, во кои едниот ученик ја имаше опишано состојбата во која се нашол како „жртва“ на врсничко насилство. Периодот низ кој поминал и решителноста да биде гласен и истрае до крај.

На оваа тема беше изведена и драматизација, каде на сликовит начин беше објаснет пример на врсничко насилство со вербален напад, кој психички делува врз личноста и доведува до голем број несакани последици, како врз самата личност така и целото негово опкружување.

Исто така преку „power point“ презентација беа предочени и бројните постери и плакати кои учениците ги имаа изработено на оваа тема, во кои јасно беше кажано СТОП за врсничко насилство.

Ваквите отворени часови се од големо значење за создавање позитивна училишна клима и зајакнување на довербата меѓу учениците и возрасните. Посебно за потенцирање е дека превенцијата започнува со едукација и отворена комуникација. Со вакви активности, ова училиште ја потврдува својата заложба за создавање безбедна и поддржувачка средина, каде секое дете ќе се чувствува прифатено, заштитено и охрабрено да го изрази своето мислење без страв од насилство.












