„Чест и задоволство е да се работи најплеменитата работа од постоењето на човештвото, особено
кога знаеш дека внесуваш трајни убавини во нечиј детски живот.“ – велат наставничките Марија
Мостро, Бојана Цветаноска и Христина Стојаноска од основното училиште „Христо Узунов“.
Пред истекот на годинава, на 1.12.2025 година, излезе првата епизода, од серијалот наречен
„Знаењето е моќ“, насловена како „Моќта на правоговорот“ под целосно менторство на трите
наставничките по англиски, германски и македонски јазик. Главните актери во серијалот се
учениците од ООУ„Христо Узунов“, а идејата е до секое дете и возрасен да допре пораката колку е
важно да се познаваат јазиците и колку важно образованието.

„Сосема случајно дојдовме до идеја да снимиме кратки видеа низ кои ќе покажеме колку се
значајни јазиците и колку е важно истите добро да ги познаваме за да ги употребуваме. Сакавме
да направиме спој на технологијата и интернетот, како најактуелни и најмоќни начини да се допре
до секого, и она што е наша стручност – јазиците. По долго размислување дојдовме до идеја дека
за почеток сето тоа можеме да го направиме и на хумористичен начин, а пораката да ја пратиме
токму преку нашите ученици. Ако во нешто треба да се вложува, тогаш тоа е во срцата на
најмладите. Ова е уште еден пример како ние, наставниците, вложуваме во нив, како преку
нашите дела го храниме духот на овие млади луѓе, ги обликуваме овие „мали“ детски умови.

Проектот бара посветеност и работа, но затоа ги имаме љубовта и желбата да се подобри
образовниот процес и детското утре. Благословени сме со прекрасни ученици кои се полни со
ентузијазам и желба за работа, па така реализирањето на проектот ни е уште поолеснето. На
располагање ни стојат и родители кои се отворени за соработка, и се разбира, директорката на
нашето училиште, Марина Ѓоргоска, која целосно нè поддржува во секоја наша идеја. На крај, да
се заблагодариме и до Вила Дионис што ни отстапи простор за снимање, па во продолжение ќе
може да погледнете и дел од атмосферата позади камерата.“ – ни раскажуваат наставничките.

За крај додаваат дека од серијалот ќе излегува по една епизода (секоја посветена на некој од
трите јазици) секој понеделник, а во среда ќе излегува по еден краток скеч во кој ќе се прикажува
важноста на образованието каде свој придонес даде и наставничката по англиски јазик, Јулија
Ристевска. Намерата им е проектот да трае во текот на целата учебна година. Следете ги!












