Бигорскиот манастир со особена духовна радост ги информира верниците и пријателите дека по повод празнувањето на светиот великомаченик Георгиј Победоносец и споменот на возобновувањето на неговиот храм во Лида Палестинска – Ѓурѓиц, во неговиот славен манастир во Рајчица ќе се одржат празнични богослужби.
Во сабота, на 15 ноември, со почеток во 19:00 часот, ќе биде отслужено празнично бдение со Повечерие, Вечерна, Утрена и Први час.
Следниот ден, недела, 16 ноември, од 08:30 часот, ќе започне Божествената архиерејска Литургија, на која ќе чиноначалствува Неговото високопреосвештенство митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил, во сослужение со Старецот на Бигорската обител, Неговото преосвештенство епископот Антаниски, г. Партениј. Сослужението ќе се изврши со благослов на надлежниот архиереј, Неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски, г. Георгиј.
Од Бигорскиот манастир упатуваат молитви и благослови, со желба за заштита и застапништво од свети Георгиј Победоносец за сите верници.
Извор: Бигорски манастир











