Денес, Владата на Република Македонија донесе Одлука за еднострано раскинување на договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина – јаглен на локалитетот „Пискупштина“, Општина Струга, склучен со Друштвото за производство, градежништво, трговија и услуги ИНТЕРУНИОН-ГРУП ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, кое стопанисуваше со спомнатиот ископ.
Поради долгогодишна злоупотреба на договорот (ископување надвор од експлоатационото поле за кое е дадена дозвола), негрижа и непридржување кон обврските преземени од страна на концесионерот, истиот е раскинат.
При експлоатацијата во целост е уништена патната инфраструктура која води до селото Пискупштина, а последниве неколку месеци поради континуираното горење на јагленот жителите од Долни Дримкол се изложени на континуирана изложеност на чад, со што директно е загрозено нивното здравје и се предизвикани штетни последици на животната средина.
И покрај бројните претставки и реакции до надлежните служби во Општина Струга, не е постапено од нејзините инспекциски служби. Со години останале глуви на писмените барања да се излезе на терен и да се преземат чекори за почитување на концесионерските обврски.
Со денешната владина одлука прекината е концесијата, т.е. експлоатацијата на јаглен мора да запре. Следен чекор ќе биде затрупување на опожарениот дел од отворениот коп и санација на дел од патот, со што ќе се отпочне процес со кој ќе се подобри и така тешката состојба на жителите од Долни Дримкол.
Новата Влада, уште со своето доаѓање, свесна за големината на проблемот и опасностите по здравјето и животот на луѓето и наводите за прекршување на одредбите од договорот со концесионерот, пристапи кон прибавување на сите неопходни информации и елаборати, врз основа на кои ја донесе одлуката за раскинување на истиот. Со тоа конечно се стави крај на сите пропусти и непостапување и конечно се реши еден од најгорливите проблеми на засегнатите жители.











