Македонска алијанса за европска интеграција со најголема решителност ги осудува срамните и агресивни обиди на Бугарија да ги асимилира Македонците во Албанија. Настанот од 26 септември 2025 година, кога во државната амбуланта во Пустец беа извршени прегледи од бугарски лекари со истакнување на бугарското знаме, е недопустлив скандал и директен атак врз македонскиот народ и државниот суверенитет на Албанија.
Станува збор за јасна и организирана операција на Софија со цел преку „хуманитарни акции“ да го поткупи и измами населението и да го присили да се откаже од својот македонски идентитет. Ова е класичен пример на колонијално однесување и дрско газење врз правата на Македонците во Албанија.
МАЕИ со огорченост констатира дека молкот и попустливоста на дел од албанските институции само им даваат сила на бугарските емисари да продолжат со нивната политика на закани, уцени и асимилација. Тоа е предавство кон сопствените државјани – Македонците, кои со векови живеат на својата земја и не се предмет за пазарење со Софија.
Ја предупредуваме бугарската држава дека Македонците во Албанија нема никогаш да се откажат од својот идентитет и дека сите вакви примитивни обиди за асимилација се однапред осудени на пораз. Македонците не се монета за поткусурување ниту заложници на нечии политички игри!
Ги повикуваме албанските институции и Европската унија итно да реагираат и да престанат да толерираат вакви отворени провокации, бидејќи секое нереагирање ќе значи соучесништво во бришењето на македонскиот народ во Албанија.
Македонска алијанса за европска интеграција ќе продолжи бескомпромисно да се бори против бугарските манипулации и агресија и ќе остане гласот на сите Македонци во Албанија.
vesnik-ilinden.com












