Во понеделник на 15 септември од 20 часот во Изложбениот салон на
Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид концерт на класична музика ќе
одржат хармоникашите Христијана Матеска и Филип Трајковски.
Матеска е родена во 2003 година во Охрид. Музичкото образование го почнува во
ОМУ „Методи Патче“ под менторство на професорот Наум Џуклески. Под водство на
професорот Љупчо Колевски, ја продлабочува својата страст и музичка посветеност.
Средното образование го продолжува во Скопје, во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“,
во класа на професорката Зорица Каракутовска. Во моментов, Христијана е студентка
на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во
Скопје.
Како солист и член на камерни состави, таа бележи значајни успеси на домашната и
меѓународната сцена. Христијана е трикратен државен првак во соло категорија, а
заедно со Филип Трајковски го освои и првото место на државниот натпревар по
камерна музика. Добитник е на прво место на меѓународниот натпревар „Охрид, те
сакам“ во соло категорија, како и во категоријата во камерна музика со Филип
Трајковски. Исто така, е добитник на прво место на натпреварот по хармонија, што ја
истакнува како музичар со комплетен и разновиден профил. Со Софија Мирческа беа
прогласени за апсолутни победници во категоријата на класични ансамбли на „Italia
Award“, а на Светскиот куп за хармоника 2023 година го освоија 7-то место,
претставувајќи ја Македонија на светско ниво. Освен тоа, има забележано настапи
како учесник на Австралиското меѓународно првенство и фестивал на хармоника…
Филип Трајковски учел хармоника кај професорот Бобан Спасенцовски. Напоредно со
основното училиште на 6 годишна возраст го запишале во основно музичко училиште
ДМБУЦ Илија Николовски – Луј каде посетувал настава за пијано а потоа за
хармоника. Средното музичко училиште Илија Николовски – Луј го завршил под
менторство на професорот Љупчо Колески, а студира на факултетот за музичка
уметност во Љубљана под менторство на професорот Борут Загорански. Филип 4
години ја држи титулата државен првак по хармоника во Македонија. Годинава како
македонски претставник освои 3 место на европскиот куп по хармоника кој се одржа во
Бијелина – Босна и Херцеговина, Исто така, има освоено многу први места и
специјални награди на меѓународни натпревари како што се: “Охрид те сакам”, “Арт
ин” Кавадарци, “Сергеј Михајлов” Штип, “Polyhumnia” Скопје, “Акордеон Фест”
Књажевац, Србија, “Дани Хармонике” во Бјелина, Босна и Херцеговина и други. Филип,
исто така ја претставуваше Македонија на светското првенство за хармоника “Coupe
Mondiale 2023” кое се одржа во Бјелина.
Матеска и Трајковски деновиве имаа успешен концерт во Националната галерија –
Даут пашин – амам во Скопје.
На концертот во Охрид, тие ќе изведат дела од Бах, Војтенко, Вјуртнер, Анџелис и
Зубитски. Влезот на концертот е слободен за сите љубители на класичната музика.
Концерт на класична музика со хармоникашите Христијана Матеска и Филип Трајковски во Охрид
Редакцијасептември 13, 2025
posted on












