АктуелноОхрид

УНЕСКО бара Охридскиот регион да биде поместен на Листата светски природни и културни реткости во опасност, министерство за транспорт пак веќе бара изведувач за рушење дивоградби!

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во нацрт-документот усвоен во рамки на годинашната 47. Сесија што се одржува во Париз бара Охридскиот регион да биде поместен на Листата светски природни и културни богатства во опасност.

Во документот се изразува сериозна загриженост поради продолжената деградација на уникатните вредности на регионот, кои се основа за неговиот статус на заштитено наследство. Се констатира дека препораките од мониторинг мисија спроведена минатата година не се имплементирани и дека државата, институциите и локалните власти покажале несоодветен однос кон заштитата на природното и културното наследство во регионот.

Инаку, се бара суспендирање на измените на деталните урбанистички планови, изработка на генерален урбанистички план за Охрид и Струга, изработка на стратешка еколошка проценка и систематска проценка на негативното влијание на нелегалните градби, со одлуки за нивно отстранување или ублажување на последиците.

Особено се истакнува потребата од итна забрана за понатамошни градежни активности околу Студенчишкото Блато и хотелскиот комплекс „Горица 3“, сè додека не се спроведат детални проценки на влијанието.

Најголем дел од точките кои се забелешки од УНЕСКО се одесуваат на Албанија. Четири од петте забелешки (4, 6, 7 и 8) се однесуваат на нашиот сосед. Што се однесува за Македонија, УНЕКО во точката под број 9 ни забележува и бара измена на деталните Урбанистички планови и рушење на дивоградби.

Овој проблем и тоа како е под лупа на Владата па така на официјалниот сајт на Бирото за јавни јабавки има отворена постапка преку која Министерството за транспорт и врски бара Набавка на услуги за присилно административно извршување на правосилни извршни управни акти и рушење на објекти.
Инаку во документот се повикуваат Македонија и Албанија да работат на зајакнување на прекуграничниот дијалог, и на високо институционално и на оперативно ниво, за да се обезбеди ефективно и одржливо управување со регионот.

Во нацрт-документот повторно се бара од властите во Северна Македонија итно и со целосно почитување на препораките за заштита на вредностите на регионот да ги суспендираат измените на Деталните урбанистички планови и одобрувањето на Локалните планови за развој надвор од населените места сè додека не се изготви Стратешката проценка, да ги изработат Генералните урбанистички планови за Охрид и Струга, како и инструментите за просторно планирање за неизградени области.

Истовремено се бара неодложно да се спроведе систематска проценка, врз основа на јасни критериуми, на негативните влијанија од нелегалните градби, со носење одлуки за елиминација или ублажување на последиците од нив, вклучително и отстранување на нелегални градби или нивни делови.
Натаму, во документот се бара да биде доставена Студија за изводливост за планирањето на крајбрежната зона на македонскиот дел од Охридското Езеро како дел од мешовитото прекугранично светско наследство „Природно и културно наследство на Охридскиот Регион“.
Дополнително се повикуваат властите да достават префизибилити студија за алтернативна траса на железничкиот „Коридор 8′, со детални студии и проценки за опциите за трасата на автопатот од Коридорот и придружни проценки на влијанија за поединечните проекти, пред да се донесат какви било неповратни одлуки. Притоа се бара суспендирање на сите активности во рамките на проектните области сè додека не се завршат и разгледаат проценките.

Меѓу другото, се бараат засилени активности за зачувувањето на Студенчишкото Блато, со итна забрана на градежните активности во близина на блатото и комплексот „Горица 3“ се до изготвувањето на Стратешката еколошка проценка и специфичните проценки на влијанијата за сите проекти.
Во нацрт-одлуката се посочуваат забелешките наведени во реактивната мониторинг мисија од минатата година, во која се потврдени наодите од претходните мисии, со заклучок дека кумулативните и тековните влијанија – вклучувајќи го тука урбаниот развој, недостатоците во просторното планирање, несоодветните интервенции, еутрофикација на езерото, големите инфраструктурни и други проекти – предизвикале сериозно нарушување на клучните атрибути на заптитеното подрачје, што довело до неповратна деградација.

Доколку биде усвоена нацрт-одлуката на Комитетот, не значи дека Охридскиот регион ќе биде избришан од листата заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку извесна разврска на она на што беше укажувано години наназад од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветно однесување кон брендот признаен од светот.