„ДО КОГА ВАКА?!…ДО КОГА ВАКА?!“
одекнуваше на летната сцена во предворјето на црквата Св.Софија, од гласовите на младите актери од организациите на Црвен крст од Охрид, Суботица, Крагуевац, Ужице и Бар кои во рамки на одбележувањето на јубилејот 10 години од реализацијата на ВДИШИ ТЕАТАР – Меѓународниот Аматерски Театарски Фестивал, вчера, заеднички ја изведоа интернационалната театарска претстава со наслов „БАЛКАНДРОМ“.
На многу сликовит и креативен начин, млади талентирани волонтери-актери вешто го пренесоа дејствието на театарската претстава кое се одвиваше во измислениот град Балканград, на аеродромот Балкандром, прикажувајќи ја болната и мачна реалност од секојдневието на жителите во балканските земји-уништени вредности, загубени перспективи, иселување и внатрешна борба помеѓу останувањето и заминувањето од сопствената земја. Иако на различни јазици, болните, искрени лични приказни и искуства на актерите со обезбедени еднонасочни билети за европските држави, искажани во чекалната на Балкандром, ги поврзуваше истата вистина за неправдата, очајот и огорченоста што владее на овие простори и потрагата по подобар живот, постојано прашувајќи се „ДО КОГА ВАКА?“.
Десет докажани и посветени волонтери од организациите на Црвен крст Охрид, Суботица, Ужице, Крагуевац и Бар, под водство на нашите Весна Терзиоска, Јованка Сион-Доленц, Емилија Блажеска и Даниел Наумоски го креираа текстот, сценариото и режијата, музиката, костимографијата и сценографијата и ги координираа подготовките на 24 млади актери-волонтери на Црвен крст од трите држави, за на крај да финализира со беспрекорна изведба на оваа интернационална театарска претстава на овогодинешното јубилејно издание на Вдиши театар во Охрид.
Во текот на изминатата деценија, на Меѓународниот Аматерски Театарски Фестивал ВДИШИ ТЕАТАР преку нашата сцена продефилираа повеќе од 100 охридски младинци-волонтери-актери на Црвен крст, а заедно со нив и тројно повеќе учесници од нашите пријателски организации од Суботица, Крагуевац, Ужице, Бар и Требиње, заедно создавајќи простор за дијалог, толеранција и разбирање, дружење и љубов, верба и надеж.
Во рамки на јубилејот 10 години ВДИШИ ТЕАТАР, на сите нив им беа доделени признанија-статуетки ВДИШИ ТЕАТАР во знак на сеќавање и благодарност за нивниот придонес во подигање на нивото на театарската култура во регионот.
Посебно признание Црвен крст Охрид додели на Јованка Сион-Доленц за нејзината посветеност и ангажман во реализацијата на Меѓународниот Аматерски Театарски Фестивал ВДИШИ ТЕАТАР. Благодарници добија и општина Охрид, Дебарско Кичевската епархија, Здружението на пензионери на Охрид и Дебрца, како и организациите на Црвен крст Битола, Црвен крст Кичево, Црвен крст Крива Паланка, на Мега продукција, ОСУ Св.Климент Охридски-Гимназија Охрид, ОЕМУЦ Св.Наум Охридски Охрид, ансамбал Билјана, Културно-уметничкото друштво „ЃЕРДАН ОД БИСЕРИ“, за помош и поддршка во реализација на фестивалот.
Интернационалната театарска претстава „БАЛКАНДРОМ“ во текот на наредниот период ќе биде изведена и пред публиката во Суботица, Крагуевац, Ужице и Бар.
Радосни сме што можеме да констатираме дека Младинскиот аматерски театарски фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“ во своето 10 годишно прикажување ги исполна очекувањата на организаторот Црвен крст Охрид, а ценејќи според интересот, посетеноста и позитивните реакции и коментари на публиката, овој фестивал го најде и оправда своето место во охридскиот културен простор.
Кога на тоа ќе се додаде и можноста која младите целосно ја иаскористија, да креираат театарската игра и да ја афирмираат својата талентираност и сплотеност без јазични, или било какви други бариери, силните хумани пораки кои ги упатија преку театарските претстави, контактите и врските воспоставени со меѓусебното дружењето во деновите на фестивалот, со право „ВДИШИ ТЕАТАР“ претставува препознатлив производ и во земјата и во странство, со кој Црвен крст Охрид се гордее.
Изразуваме искрена благодарност до учесниците на фестивалот, до публиката, до волонтерите и вработените во Црвен крст Охрид, до медиумите, до општина Охрид и до сите институции, фирми и поединци кои го овозможија, поддржаа и помогнаа одржувањето на театарскиот фестивал „ВДИШИ ТЕАТАР“